| четврток, 6 декември 2018 |

„Денови на македонскиот туризам“ во Софија

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТРМ) денеска во Софија организира „Денови на македонскиот туризам“.

Настанот се организира со цел афирмација на почнатата туристичка сезона, да се претстави туристичкиот производ од Македонија и можноста за зголемување на бројот бугарски туристи кои традиционално секоја година ја посетуваат нашата земја.

Како што соопшти Агенцијата, промоцијата ќе биде збогатена со дегустација на македонско вино, македонска музика и пригодна наградна игра, а најсреќните ќе добијат автентични производи од Македонија: охридски бисери, филигран со македонски рубин и викенд во Охрид за двајца.

Според АППТРМ, соработката меѓу Македонија и Бугарија во областа на туризмот е на високо ниво, а тенденцијата на пораст на туристичка размена ќе остане и во иднина.

– Успешните промотивни активности на АППТРМ на туристичкиот пазар во Бугарија, позитивно се одразија на зголемување на бројот бугарски туристи кои во последните неколку години изнесува повеќе од 15 отсто. Со оглед дека бројот туристи секоја година расте, ќе продолжи поддршката на странски тур-оператори преку доделување субвенции за странски туристички промет во државата, наведува Агенцијата.

Но, додава АППТРМ, тоа не е единствениот фактор кој придонесе за пораст на бројот на туристи во Македонија од Бугарија. Веќе неколку години се реализира и успешна медиумка кампања која продолжува со исто темпо и оваа година. Стартуваше и билборд кампања, медиумска кампања во печатените медиуми, дневните весници Труд, 24 часа и Стандард како и  промоција на македонските туристички потенцијали и на Националното бугарско радио.

– Следејќи ги светските трендови Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот преку новите и проектите кои се во фаза на реализација дејствува во создавање услови за унапредување на туристичкиот производ и значително збогатување на понудата и туристичките содржини. Македонскиот туристички производ станува поконкурентен на светскиот пазар и се зголемува туристичкиот промет во државава. Македонија располага со неверојатен потенцијал. Ја нарекуваат колевка на културата, раскрсница на цивилизациите, изобилува со природа каде може да се види и огромниот потенцијал за развој, стои во соопштението на АППТРМ. 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top