| четврток, 6 декември 2018 |

Штајнмајер: Путин реагира како во времето на Студената војна

Рускиот претседател Владимир Путин реагира со рефлекс од времето на Студената војна, изјави германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер откако Москва одлучи да го зголеми за над 40 интерконтинентални балистички ракети нуклеарниот арсенал на земјата.

– Планот на рускиот претседател Путин да го зголеми рускиот арсенал стратешки ракети е непотребен и не придонесува за стабилноста и намалување на тензиите во Европа, изјави Штајнмајер за магазинот „Шпигел“.

Руски официјални претставници го осудија планот на Вашингтон за распоредување на тенкови и тешко вооружување во државите на НАТО во Источна Европа и во близина на руската граница, оценувајќи го како најагресивен акт на Вашингтон од времето на Студената војна.

Штајнмајер нагласи дека светот е променет од крајот на Студената војна во 1989 година. – Сепак старите рефлекси од тоа време очигледно се уште живеат, нагласи германскиот министер.

Портпаролот на германската влада Штефан Зајберт, исто така, го критикуваше соопштението на Путин. – Тоа нема да помогне за надминување на сегашните тешкотии во односите меѓу Русија и ЕУ или Русија и САД, изјави тој.

Тензиите меѓу Русија и Западот се зголемија по судирите во Украина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top