| четврток, 6 декември 2018 |

Напуштањето на ЕУ би го намалил кредитниот рејтинг на Велика Британија

британија

Американската агенција „Стандард и Пурс“ ја предупреди владата во Лондон дека доколку Велика Британија ја напушти ЕУ, веднаш ќе биде намален нејзиниот кредитен рејтинг.

Според толкувањето на агенцијата, стравот од тешкотиите да се покрива дефицитот и лошите трговски односи со ЕУ, по напуштањето на Унијата, ќе предизвика пад на сегашниот висок рејтинг што го има Велика Британија.

Ова не е прв пат, Британците да бидат предупредени дека меѓународниот бизнис, инвеститорите и банкарскиот сектор не гледаат со одобрување на нивниот „Брегзит“, а уште помалку ги потикнуваат британските евроскептици да ја извлечат земјата од ЕУ.

Инвеститорите кои веќе се во Велика Британија, на неколкупати досега, откако од пред 2,5 години започна засилената антиевропска кампања, предупредија дека ако на планираниот референдум Британците се определат за заминување од Унијата, тие ќе ја преиспитаат својата позиција и останувањето во британската економија.

Објаснувањата што обично се даваат се дека земјата е атрактивна за странскиот капитал не само поради неа самата и нејзините услови за инвестирање, туку и затоа што таа е дел од ЕУ.

Според британските медиуми, некои германски банки, веќе прават анализи за тоа што ќе им донесе „Брегзит„ и како ќе треба да реагираат. Финански експерти проценуваат дека без ЕУ, може да се загуби и сегашната водечка позиција, што во финансискиот свет ја има лондонски Сити.

Предупредувањето од „Стандард и Пурс“ доаѓа во време на нова распалена кампања во британската политичка јавност околу ЕУ, која ја предводат конзервативците на премиерот Дејвид Камерон.

Врз него тие притискаат да биде „многу поостар“ кон Брисел, сметајќи дека Велика Британија е толку моќна што повеќе не и треба Унијата, па за помалку од еден месец по изборите, првата работа со која се зафати Камерон беше отворањето на „европското прашање“.

Тој веќе разговараше со десетина лидери на земјите од ЕУ, барајќи од нив подршка за британските барања за „реформирање“ на Унијата, онака како што тоа го заговара Велика Британија и плашејќи ги со британското заминување.

Во Лондон не се открива каков е пакетот на барањата до Брисел, освен ограничувањето на имиграцијата од ЕУ и нивниот пристап до британските социјални фондови, но не се крие дека освен подготвеноста да биде сослушан, Дејвид Камерон од никого нема добиено подршка за она што го бара.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top