| четврток, 6 декември 2018 |

Гарет: Британија е верен поддржувач и искрен пријател на Македонија

Обединетото Кралство е верен поддржувач на Македонија од прогласувањето на независноста, на нејзините евроатлански интеграции и е искрен пријател и во тешки моменти, а тоа пријателство е најсилно.

garet

Ова го истакна британскиот амбасадор Чарлс Гарет во синоќешното обраќање на свеченоста во Скопје по повод прославата на роденденот на Кралицата на која присуствуваа претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски, министри во Владата, пратеници, претставници на политичките партии, на бизнис заедницата, граѓанскиот сектор, членови на дипломатскиот кор, воени аташеа и други гости.

– Го добивте кандидатскиот статус за членство во ЕУ за време на британското претседателство со Унијата во 2005 година. Секоја година од тогаш заедно работевме на јакнењето на цивилното општество, на реформите во одбраната и полицијата, во медиумите, јавната администрација и во економијата. Обединетото Кралство секогаш ќе биде искрен пријател на Македонија, па и во тешки моменти, а искреното пријателство е најсилното. Обединетото Кралство е исто така и одлучен поддржувач на членството на Македонија во НАТО. Со нетрпение очекуваме кога Македонија ќе седне на иста маса со нас во Алијансата, рече амбасадорот Гарет.

Покрај соработката во областа на одбраната, која се огледува во поддршката на реформите за подготовка за членство во НАТО и одличните односи на заемна почит изградени за време на осумгодишната соработка во мисијата ИСАФ во Авганистан, тој ја нaгласи и развојната линија на економските односи меѓу двете земји. ­

– Нашата соработка продолжува да напредува со новите британските бизниси кои се отвораат во земјава и кои продолжуваат да се прошируваат, како и со македонските бизниси кои во Велика Британија наоѓаат нов пазар за своите производи, рече амбасадорот Гарет.

Потсети дека иако Обединетото Кралство и Македонија воспоставија дипломатски односи во 1993 година, соработката меѓу двете земји датира од порано, а пример е 50­ годишнината од отворањето на Драмскиот театар во Скопје, изграден со британска поддршка по земјотресот во 1963 година. Обраќајки се на македонски, албански и англиски јазик, тој се осврна и на искуството од првата година од неговата дипломатска мисија во Македонија оценувајќи го како период на мошне интензивно дополнително образование и покрај темелните подготовки за мисијата.

Инаку, свечноста беше збогатена со заеднички настап на членови на оркестрите на Кралската инжинерија од Нотингемшир и на Армијата на Република Македонија. Кралицата Елизабета Втора е родена на 21 април и таа тогаш наполни 89 години, но нејзиниот службен роденден секогаш се одбележува во јуни.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top