| четврток, 6 декември 2018 |

Осмиот Фестивал на француски филм почнува утре

Со филмот „Борците“ на Тома Каје од 2014 година, добитник на две награди „Цезар“, утревечер во кино „Милениум“ ќе биде отворен 8. Фестивал на францускиот филм, кој ќе се одржува до 20 јуни во Скопје и во Охрид.

Ќе бидат прикажани најнови филмови снимени минатата и оваа година, а покрај проекции ќе има и средби и разговори со ексклузивни гости, работилници, музичка вечер на францускиот оркестар F.A.M.E.’S. со седиште во Скопје и првпат годинава натпревар „Моето прво минивидео“.

На фестивалската програма се насловите: „Диши“ во режија на Мелани Лоран, „Со кренато чело“ на Емануел Берко, „Од петни жили“ на Нилс Таверние, „Глупа гуска – принцеза на срцата“ на Камиј Котен, „Семејството Белие“ на Ерик Лартиго и „Француска врска“ на Седрик Хименез, како и „До гледање кловну“ на Клод Бери од 1983 година, во чест на актерката Ањес Сорал, која е гостинка на фестивалот и лауреат на овогодишната почесна награда „Златна маска“.

Покрај Сорал, гости на фестивалот ќе бидат и актерите Дијан Руксел и Антоан Лоран, продуцентот Ален Мајор, композиторите Брис Даволи и Фред Корсјал и Одре Бијар, член на асоцијацијата ОФФ од Трувил.

Проекциите ќе бидат во „Милениум“, „Фросина“ и во Кинотеката на Македонија, средби и разговори во Францускиот институт-Скопје. Фестивалот ќе заврши в сабота со проекции на најгледаните француски филмови – „Семејството Белие“ во Центарот за култура во Охрид и „Француска врска“ во киното „Милениум“ во Скопје.

Најавувајќи ја програмата, амбасадорката на Франција, Лоранс Оер, на прес-конференција рече дека акцент на годинашниот фестивал ќе биде филмската музика преку работата на оркестарот F.A.M.E.’S., кој е активен седум години и годишно продуцира музика за 500 филма. За својата работа е награден со „Оскар“.

– Од 2008 година непрестано ја збогатуваме програмата на фестивалот, кој почна како авантура, проект на две филмски училишта. Потоа добиваше поддршка од повеќе институции и благодарение на тоа имаме сѐ подобра програма и повеќе публика на проекциите – рече Оер.

Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, истакна дека фестивалот стана вистинска ревија на најдобрите француски филмски остварувања и дека е предизвик за македонските кинематографери и за македонската публика. Нагласи дека Министерството за култура останува посветено кон продлабочување на културните врски помеѓу двете земји и најави дека наскоро ќе биде потпишан билатерален договор за копродукции помеѓу Македонија и Франција, кој ќе го раководи Францускиот национален центар за филм.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top