Лидерот на јеменскиот разгранок на Ал Каеда, Насер ал Вахиши е убиен при напад на американско беспилотно летало во пристанишниот град Мукала, објавија германски медиуми, повикувајќи се на локални извори блиски до терористичката мрежа.
Американската телевизија „Си-Ен-Ен“, исто така, објави дека Вахиши е ликвидиран, цитирајќи двајца претставници на јеменските безбедносни сили.
Ваквата информација ја потврди и Ал Каеда на Арапскиот Полуостров во видео објавено на интернет. Во видеото се посочува и дека за наследник на Вахиши е избран Касим ал Рими, воен командант од јеменскиот огранок на Ал Каеда, познат под името Абу Хуреира ал Санани.
Владата на САД соопшти дека ја проверува информацијата, а американски официјален претставник демантирал дека американските вооружени сили учествувале во нападот. Останува нејасно дали нападот бил извршен од ЦИА.
Насер ал Вахиши, кој е роден во Абијан, Јужен Јемен, некогаш бил близок соборец на основачот на Ал Каеда, Осама бин Ладен. Тој се сретнал со лидерот на терористичката мрежа во 90-тите години од минатиот век во Авганистан и станал негов личен секретар.
САД го сметаат јеменскиот огранок на Ал Каеда за најопасен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.