Младинските репрезентативци на Македонија, браќата Давид и Доријан Бабунски би можеле ова лето да го засилат Партизан од Белград.
Како наведува српскиот „Журнал“ на својата насловна страница, тие му се понудени на српскиот шампион и се работи за играчи со огромен потенцијал кои извонредно се развиле како играчи во шпанските гиганти Барселона и Реал Мадрид, но поради огромната конкуренција во нивните тимови, би можеле заедно во пакет да се преселат како позајмени фудбалери во Партизан.
– Давид Бабунски е лидер, носи десетка, капитен е на младата репрезентација на Македонија со техника „да ја стави топката во џеб“. Извесно време вежбал и со Меси и пријателите под капата на Пеп Гвардиола. Доријан, пак, игра за младиот тим на Реал Мадрид, класичен напашач со сериозно чуство за гол. Во конкуренција на врсниците минатата година постигнал 30 гола – пишува „Журнал“.
Нивните квалитети го привлекле вниманието на еден од потпретседателите на Партизан, па сега се интересни за „црно-белите“ кои не ја отфрлаат можноста за ангажман. Партизан престојниов преоден рок токму сака да ангажира фудбалери на позициите крило и центарфор, а Давид и Доријан Бабунски сигурно би ја засилиле конкуренцијата на тие позиции. За српските медиуми се и повеќе од интересна приказна која може да привлече и навивачи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.