| четврток, 6 декември 2018 |

Лазаров: Не застануваме тука, целта е пласман на ОИ во Рио

Ракометната репрезентација на Македонија в недела во СЦ „Борис Трајковски“ го игра последниот и клучен натпревар во квалификациите за Европското првенствo 2016 година во Полска.
За да се продолжи со континуитетот на учество на големите натпреварувања на Македонија ѝ е потребно победа или најмалку нерешен резултат.

– Нестрпливо го очекуваме овој важен меч против Чешка, кој е решавачки за пласамна на ЕП во Полска. Одигравме коректно на гостувањето во Швајцарија без кнеколку клучни играчи, Лазаров беше повреден, други беа отсутни од различни причини. Оваа победа беше важна за нашата самодоверба. Овие неколку денови имавме доволно време и тренинзи и ќе бидеме максимално подготвени избориме победа што ќе не однесе на ЕП во Полска. Играме на домашен терен и верувам дека ќе имаме голема поддршка од нашата публика. Воедно, би сакал да им се заблагодарам и на нашите навивачи што дојдоа во Швајцарија. Поддршката ни беше драгоцена – изјави селекторот Ивица Обрван на денешната прес-конференција.

Капитенот на нашата репрезентација и најдобар десен бек во светот, Кире Лазаров и покрај повредата што ја влече уште од финалето на Лигата на шампионите ќе биде на располагање на селекторот Обрван за овој клучен натпревар.

makedonija-avstrija-12

Утрово го одработив првиот посериозен тренинг по повредата, на почетокот не се чувствував најдобро, но откако се загреав беше малку подобро. Како што кажав и најавив, и покрај повредата јас ќе бидам тука да помогнам. Ова е последен натпревар, нема што да се загуби. Од друга страна, би бил среќен доколку нема да има потреба од тоа за да не се ризикува и да не настане посериозен проблем со повредата. Ќе бидам тука, но ќе бидам посреќен ако од клупа се радувам на нашата победа – вели капитенот Кире Лазаров.

Лазаров нагласи дека овој натпревар е сосема нешто друго во однос на натпреварот против Швајцарија. Чешка, секако, е посериозен противник со одлични индивидуалци.

– Дојдовме до оној момент што сите го посакувавме уште пред почетокот на овие квалификации. Треба да се потсетиме на првиот меч во Чешка. Бевме во негатива 7-8 голови во еден дел. Тоа значи дека нѐ очекува еден тежок меч в недела. Без разлика дали се комплетни или не, Чешка има квалитетна репрезентација и може да биде многу незгоден противник, посебно во вакви важни мечеви. Не смее да нè залаже тоа што покажавме еден реално, добар меч во Швајцарија. Не сакам да го потценам успехот и им честитам на моите соиграчи, победа си е победа. Но факт е дека во Швајцарија можевме да одиграме многу порелаксирано, бидејќи исходот од тој дуел не беше пресуден. Натпреварот в недела ќе биде од друг карактер, многу потежок. Тоа е меч да се биде или не за нас. Чесите нема да дојдат со бело знаме во тоа сум сигурен, но, исто така, сум сигурен и дека ќе дадеме максимум и ќе се избориме за уште едно Европско првенство во низа – додаде капитенот на македонската репрезентација.

Отпимизмот и желбата за успеси секогаш е присутна како кај капитенот така и кај сите репрезентативци. Македонскиот капитен најави дека пласманот на ЕП во Полска треба да биде првиот чекор кон крајната цел – обезбедување настап на ОИ во Рио.

– Сите сме гладни за успеси иако сме во поодмината фаза од кариерата. Нема застанување ниту на клупско ниту на репрезентативно ниво. Првиот чекор треба да се направи в недела со победа над Чешка и пласман на ЕП 2016 година во Полска. Следниот е со добра игра да се обидеме да се избориме за место што води на ОИ 2016 во Рио. Тоа е заокружување на една целина на оваа генерација на играчи. Сите сме желни за таков успех и ќе го дадеме максимумот – заврши Лазаров.

Натпреварот се игра в недела, со почеток во 17.45 часот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top