| четврток, 6 декември 2018 |

Дамјановиќ: Сакам со ЖРК Вардар да ја освојам европската титула

ЖРК Вардар со ангажманот на левиот бек од Виборг, српската ракометарка Сања Дамјановиќ, останува на курсот за освојување на европската титула и следната сезона. Таа треба да биде адут на тренерскиот тандем Кастратовиќ – Питлик во следната натпреварувачка сезона.
Дамјановиќ за официјалната веб-страница на Европската ракометна федерација ги изнесе првите впечатоци и целта за која е дојдена во ЖРК Вардар.

– Лигата на шампионите е главниот предизвик пред овој тим. Дојдов во Скопје за да станам европска шампионка, да му помогнам на Вардар да стигне до посакуваниот трофеј. Со квалитетот што го поседува оваа екипа и со максимално залагање на секој натпревар, верувам дека овој успех е остварлив. Очекувам со својата игра да му донесам нешто поразлично, поинтересно на новиот клуб – изјави Дамјановиќ во официјалното интервју за ЕХФ.

Конкуренцијата во тимот е огромна и на секоја позиција во македонскиот шампион конкурираат повеќе ракометарки. Дамјановиќ тоа го смета како позитивна работа бидејќи секогаш во составот на теренот ќе има свежа сила и ракометарка која е 100 проценти подготвена да го даде максимумот. На истата позиција во „црвено-црниот“ состав игра и најдобриот играч, Хрватката Андреа Пенезиќ, која е прогласена за најдобар играч во изминатата сезона.

– Потпишав за врвен тим, така што е нормално да се имаат квалитетни ракометарки на секоја позиција. Има доволно натпревари и знам дека секоја од нас ќе добие шанса за докажување. Ротацијата ќе го извлече најдоброто oд сите нас, и верувам дека системот што ќе го постави стручниот штаб ќе функционира. Јас веќе се имам докажано дека можам да играм на неколку различни позиции и дефинитивно ќе сторам сѐ што ќе биде побарано од мене за да му помогнам на тимот да победува – истакнува Сања Дамњановиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top