Концертите на младите надежи ќе се одржат во „Музејот на град Скопје’’ и во „Заводот, музеј и галерија Битола“ во „Салата на клавирите“.
На годинашниот „Violin fest“ ќе музицираат 12 ученици од повеќе градови од Македонија, и тоа од Битола, Скопје, Охрид, Куманово и од Штип. Преку нивните настапи ќе се перцепираат заложбите на виолинските педагози од државните музички училишта во Македонија (нижи и средни), како и професионалното оформување на уметниците во Факултетот за музичка уметност од Скопје .
Пијано придружбата ќе ја реализира Марија Вршкова. На програмата ќе бидат дела од Крајслер, Шуплевски, Сарасате, Сен-Санс, Данкла, Виетан…
Веќе трета година по ред виолинистот Владимир Костов во соработка со „Музичката младина на Македонија“, продолжува со организацијата на „Виолин фест“, односно фестивалот на младите виолинисти.
Идејата на Костов за создавање на еден ваков фестивал доаѓа од желбата да се презентираат на едно место младите виолинисти од цела Македонија, без разлика на нивната возраст.
„Виолин фест“ својата прва реализација ја имаше на 12 јуни 2013 година во Музејот на град Скопје. На овој премиерен концерт настапија ученици од државните музички училиштата во Македонија и студентите од Факултетот за музичка уметност од Скопје.
„Виолин фест“ се реализира со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.