| четврток, 6 декември 2018 |

Шпионска програма пронајдена во три европски хотели во кои се воделе преговори за Иран

V

Компјутерски вирус, за кој се претпоставува дека е користен од израелското разузнавање, бил пронајден во операциските системи на компјутерите во три европски хотели, во кои се воделе преговори за иранската нуклеарна програма, пишува весникот „Волстрит журнал“.

Весникот ги пренесува резултатите од истрагата на компанијата за кибернетска безбедност „Лабораторија Касперски“, со седиште во Москва.

Компанијата, чијшто директор служел во руската војска во минатото и има тесни врски со руското разузнавање, изјави дека вирусот бил толку сложен што, најверојатно, припаѓа на државно разузнавање.

Компјутерскиот вирус е подобрена верзија на „Дуку“, кој првпат беше идентификуван во 2011 гдоина и за кој американски официјални лица и експерти сметаат дека е создаден од Израел.

„Касперски“ го започнала истражувањето кога открила дека била цел на хакерски напад минатата година. Од компанијата сакале да дознаат кој го извршил нападот и дали само таа била цел и затоа провериле милиони компјутери во светот.

Само во три луксузни хотели резултатите биле позитивни, односо и тие биле цел на истиот напад, а заедничко за сите нив е што сите биле домаќини на преговори за иранската нуклеарна програма.

„Касперски“ не наведе кои се тие хотели, а ДПА нагласува дека поголемиот дел од преговорите беа водени во Австрија и во Швајцарија.

Израелскиот заменик-министер за одбрана Ели Бен Дахан демантираше дека Израел спроведувал камања за кибер шпионажа во хотели, во кои воделе преговори за иранската нукеарна програма.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top