| четврток, 6 декември 2018 |

Полициски час за жените во индонезиски град

Според најновата одлука, што ја донесе градоначалникот на најголемиот град Банда Ачех, на рестораните, спортските центри, интернет кафулињата и туристичките локалитети им е наредено да не ги послужуваат жените по 23 часот, освен ако „не докажат дека се во друштво со сопругот или постар машки член на нивното семејство“.

Со истата „директива“ во „забранетите објекти“ не е дозволено жените да бидат дел од персоналот.

Воведувањето на своевидниот „полициски час“ за жените локалните власти го образложуваат со ставот дека „сакаат да ја спречат проституцијата“ во најзападната провинција на Индонезија, позната по владеење на правилата на конзервативните исламски закони.

Минатиот месец во Ачех беше донесена уредба според која на жените им се забранува возење на мотори, најпопуларното средство за превоз во овие краишта. Како и сегашната, и оваа забрана е донесена во име на „моралните принципи“ и спречување на жените да ги уживаат истите права како машките.

Од идната година, во државните основни училишта во Ачех ќе има посебно машки и посебно женски одделенија.

Дискриминаторските одлуки на локалните власти во Ачех во цела Индонезија наидоа на критики и потсмев. Според еден локален весник, да се прават обиди со декрети да се намали проституцијата во Индонезија, па и во Ачех, е исто како со декрет да се ограничи дишењето.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top