Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и скопскиот градоначалник Коце Трајановски денеска го пуштија во употреба Дневниот центар за лица со интелектуална попреченост над 18 години. Лоциран е во населбата Капиштец, меѓу Агенцијата за вработување и Центарот за ортотика и протетика „Славеј“.
Центарот е резултат на партнерството меѓу Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост-„Порака“, Министерството за труд и социјална политика и Град Скопје.
Министерот Спасов информира дека помогнале со обезбедување на објектот и реновирање се до ставање во функција.
– Овој Центар ќе биде поддршка за родителите на лицата со интелектуална попреченост и одлична форма на вонинституционална заштита и згрижување на овие лица. Нивниот ден ќе биде исполнет со значајни содржини и програма која ќе им помага секој ден да ги унапредуваат своите вештини и да се снаоѓаат во секојдневниот живот – рече Спасов.
Тој појасни дека ја поддржуваат „Порака“ и додаде оти годинава одвоени се околу 9,4 милиони денари за сите дневни центри кои се под нив, како и за остварување на нивната годишна програма и сите активности во Македонија.
– Од тие средства издвоивме и 500 илјади денари за набавка на дополнителна опрема која им е потребна на лицата со интелектуална попреченост – рече Спасов.
Министерот најави дека годинава планирано е отворање на нови дневни центри за деца со попреченост низ државата, во Битола, Велес, Штип, Кочани, Валандово, Липково и во Охрид. Потенцира дека се работи на реконструкција на објекти и нивно опремување во соработка со повеќе општини.
Градоначалникот Трајановски појасни дека ова е втор центар за лица со интелектуална попреченост над 18 години. Според него, на лицата ќе им се овозможи тука да го минуваат денот, да имаат поединечни и групни проекти и работа со родителите.
– Досега го финансиравме Центарот за лица со интелектуална попреченост лоциран во Аеродром со 2 милиони денари годишно. А овој центар Град Скопје секоја година, на почеток, ќе го финансира со 400 илјади денари – рече Трајановски.
Чедомир Трајковски, претседател на Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост-„Порака“ соопшти дека идејата за овој центар е од пред две ипол години кога, како што рече, заеднички оценивме дека Дневниот центар во Аеродром не ги задоволува потребите на градот и оти има потреба за уште еден или повеќе дневни центри за вакви лица.
Опремувањето на Дневниот центар го помогнаа Македонски Телеком и Т-Мобиле Македонија преку донација од 11 илјади евра, обезбедени за време на Скопскиот маратон 2014. Центарот ќе може да го посетуваат околу 20 лица.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.