| четврток, 6 декември 2018 |

Грант од Владата за 400 нови стартап-компании

Нови 400 бизниси ќе бидат финасирани од Владата со грант од по 201.000 денари во рамките на Оперативниот план за активни мерки за вработување преку Програмата за самовработување. За 32 најиновативни бизниси од нив ќе бидат доделени над 240.400 денари, а за оние 60 кои ќе докажат во нивниот бизнис план дека им е неопходно дополнително вработување за уште едно лице ќе им бидат доделени по уште 92.000 денари.

– Владата активно работи на надминување на еден од можеби најгорливите проблеми, а тоа е невработеноста, преку активна поддршка и нудење широк спектар на можности. Еден од таквите чекори е и Програмата за самовработување преку која од 2007 до 2014 година се основани вкупно 6.775 бизниси со кои се обезбедени 6.885 нови вработувања. Денеска започнува вториот циклус од Програмата со кој се планира да се поддржат 400 невработени лица кои имаат своја бизнис идеја и сакаат да формираат споствен бизнис со грант од по 201.000 денари – рече вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски на денешната прес-конференција во Владата.

За таа намена, нагласи, Владата обезбеди 84 милиони денари. Појасни дека Програмата за самовработување како мерка од Оперативниот план континуирано се реализира од 2007 година на целата територија на државата, преку објавување на два јавни огласи во текот на годината кои се спроведуваат во два циклуси. Програмата има за цел да го поттикне претприемништвото и да поддржи креирање на почетни, односно старт-ап бизниси што ќе обезбедат одржливи вработувања за основачите и за другите лица кои ќе се вработат во нив.

– Од 2007 до 2014 година вкупно 22.500 невработени се пријавиле за учество во Програмата. Од нив преку 8.300 лица се обучени и се стекнале со претприемачки вештини од областа на финасии, маркетинг, продажба и деловно планирање, а 6.775 лица успеале да го регистрираат својот бизнис и да се стекнат со грант од 185.000 денари, обезбедени во фарма на опрема, материјали и ваучер за обука за претрпиемништво, како и експертска помош за изработка на бизнис план во вредност од 16.000 денари, нагласи Пешевски.

Со Оперативниот план за услуги на пазарот на труд и активни програми и мерки за вработување за 2015 години, додаде, за Програмата самовработување се обезбедени 202 милиони и 454 илјади денари од Буџетот на Владата со кои е планирано да бидат опфатени 960 невработени лица.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов нагласи дека Оперативниот план за вработување директно придонесува за зголемување на вработеноста преку отворање можост невработените лица сами да си ја креираат иднината.

– Ова мерка има висок процент на успешност и преку 70 отсто од основаните бизниси се уште се активни. Преку 35 проценти, односно 2.426 од основачите на микробизниси преку Програмата за самовработување се жени, а 31 процент или околу 2.070 се млади претприемачи на возраст до 29 години, рече Спасов.

Целта на Програмата, појасни, е да се поддржат невработните лица во основање на сопствена фирма, формализирање на веќе постоечка неформална дејност и создавање дополнителни вработувања.

– Програмата вклучува обука за претприемништво, помош при развивање одржлив бизнис план и регистрирање дејност, неповратни грантови во форма на опрема и материјали и менторство за време на започнувањето на бизнисот. Посебен акцен се става на младите невработени лица до 29 години со опфат за годинава на миннимум 266 лица и буџет за грантови во износ од 60 милиони денари, рече Спасов.

За една недела, истакна, ќе се зпочне со регистрација на првите бизниси од планираните 500 за првиот циклус за самовработување за 2015 година и со реализација на околу 118 милиони денари за нивно формирање.

Како што информира директорот на Агенцијата а вработување Влатко Поповски, предвидено е на пет кандидати од областа на занаетчиска дејност кои аплицирале во Центарот за вработување на Град Скопје за Програмата за самовработување да им бидат доделени доплнителни средства и помош во износ од 328.680 денари, бесплатни простории и сметководствени услуги, како и дополнителна советодавна поддршка како да го развиваат својот бизнис.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top