| четврток, 6 декември 2018 |

Коалициска влада или предвремени избори во Турција

Turkish-electionТурската владејачка Партија на правдата и развојот (АКП) ќе се обиде да формира коалициска влада како прва опција, откако го загуби парламентарното мнозинство, изјави денеска вицепремиерот Нуман Куртулмуш.

– Сметам дека нашиот премиер ќе биде во можност да формира влада во определеното време, изјави Куртулмуш, според кого се можни и предвремени избори, ако тоа не успее.

Според Куртулмуш коалиција без АКП не е можна.

Претходно, лидерот на турската десничарска Партија на националното движење Девлет Бачели изјави дека во Турција би требало да има нови избори, доколку владејачката АКП, која победи на изборите, но го загуби парламентарното мнозинство, не успее да договори коалиција со останатите две опозициски партии во Парламентот.

– Првата можна коалиција би требала да биде меѓу АКП и прокурдската Народна демократска партија (ХДП), рече Бачели.

Според него друг модел би можел да биде АКП, Републиканската народна партија (ЦХП), која е главна опозициска партија и ХДП.

– Доколку не се оствари ниту едно од овие сценарија, тогаш мора да бидат одржани  предвремени избори, истакна Бачели.

Лидерот на ХДП Селахатин Демирташ (42), кого го нарекуваат „курдскиот Обама“ веќе ја отфрли можност за коалицирање со АКП, нагласувајќи дека со овие избори е ставена точка на натамошната приказна за поголеми претседателски овластувања, на што се надеваше претседателот Реџеп Таип Ердоган.

Според 99,9 отсто преброени гласови, Партијата на правдата и развојот освои 41 отсто, а по неа следат Републиканската народна партија со 25 отсто, националистичката Партија на национално движење со 16,5 отсто и прокурдската Народна демократска партија со 12,5 проценти.

Според прогнозите АКП во Парламентот, кој има вкупно 500 пратеници, ќе има 259 мандати (276 места се неопходни за мнозинство), ЦХП ќе има 131, МХП 82 и ХДП 78.

Повеќе од 53,7 милиони граѓани имаа право на глас на изборите за 550-члениот турски Парламент, кои избираа меѓу 20 партии и 165 независни кандидати. Излезноста на изборите изнесуваше 86 отсто.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top