Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска изјави дека Алијансата не сака судир со Русија, туку сака да воспостави поконструктивен однос со Москва.
– Всушност ние тежнееме кон поконструктивна соработка- рече Столтенберг.
Генералниот секретар на Алијансата, меѓутоа, додаде дека „соработката мора да се гради на доверба и на фактот дека Русија мора да ги почитува границите на своите соседи“. Генералниот секретар на НАТО вчера порача дека Русија не претставува директна закана за земјите членки на Алијансата. Во текот на посетата на родната Норвешка Столтенберг укажа дека Русија е подготвена да употреби сила за да ги измени границите во Европа и како пример ги наведе Крим, источна Украина и Грузија.
– Сега гледаме поголема непредвидивост, поголема небезбедност, повеќе немири…Но верувам дека нема никаква директна закана од Исток против било која земја на НАТО- рече Столтенберг за државното радио НРК.
Поранешниот норвешки премиер изрази надеж дека односите меѓу Северноатлантската Алијанса и Русија можат да се подобрат.
– Наша цел е натамошна соработка со Русија…Тоа е во интерес на НАТО и во интерес на Русија- заклучи генералниот секретар на НАТО.
НАТО повеќепати ја критуваше Москва заради вмешаноста во украинскиот судир и од неа бараше во целост да ја поддржи спогодбата за примирје, додека Русија негира дека ги опслужува со војници или оружје проруските активисти на истокот од Украина, потсетуваат британските медиуми.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.