Европската комисија и комесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, в среда на 10-ти јуни ги чекаат четворицата политички лидери од Македонија, со кои се очекува да ги заокружат преговорите за ставање крај на политичката криза во земјата врз база на договорот од Скопје минатата недела, пренесе МИА висок извор од Еврокомисија, потврдувајќи ја објавата во официјалниот календар за активности на еврокомесарите за следната недела, што секој петок го објавува неформалната Влада на Европската унија, во кој за среда е најавен состанокот на Хан со како што се наведува „политичките лидери од БЈР Македонија, во Брисел”.
И покрај најавите на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, дека нема да дојде на оваа средба во европската престолнина поради наводна пристрасност на Хан, од Еврокомисијата велат дека од Заев и од сите останати очекуваат да дојдат во Брисел и да стават параф на договорот од Скопје, со кој ќе заврши политичката криза во Македонија:
– Состанокот е закажан за в среда и тогаш ги чекаме господата Никола Груевски, Зоран Заев, Мендух Тачи и Али Ахмети. Немаме само точно време и просторија во која ќе се одржи овој состанок во Брисел, но тоа ќе го утврдиме деновиве. На овој состанок треба да се заокружи договорената рамка за излез од кризата од минатата недела од Скопје и да се стави параф на договорот со кој земјата треба да ги оствари зацртаните реформи, што ќе кулминира со предвремени парламентарни избори во април идната година, потврди високиот извор од Еврокомисијата за МИА.
Со оваа порака не се остава простор за избегнување на обврските договорени со минатонеделниот договор во Скопје и ЕУ очекува македонските политички лидери да бидат одговорни и за пет дена да го официјализираат она што го потпишаа како рамка на договор, предложен од еврокомесарот Хан.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.