| четврток, 6 декември 2018 |

Интергацијата во ЕУ и НАТО се единствен гарант на демократизација на Балканот

predavanje

Интергацијата во ЕУ и НАТО е цел на земјите од Западен Балкан и е единствен гарант на демократизацијата на државите од регионот. Кризата која е присустна во регионот е резултат на тоа што Унијата и Алијансата во изминатите пет години ги кренаа рацете од Западниот Балкан, кој беше препуштен сам на себе, но и на други актери, беше истакнато на меѓународна научна конференција „Виенскиот конгрес и Балканот – 200 години подоцна“ што се одржа денеска во Скопје во организација на Институтот за меѓународни и политички студии при Универзитетот на Југоисточна Европа.

Томас Баер, амбасадорот на Австрија, која важи за силен поддржувач на евроинтеграциите на отворањето на конференцијата се осврна меѓу другото на актуелната ситуација во Македонија.

– Сите ги следиме настаните одблиску и во контакт сме со сите учесници во случувањата. Се надеваме дека она за што се сложивме пред неколку дена ќе доведе до долгорочно решение во интерес на луѓето и дека сето тоа ќе сe направи во добра волја. Не чека долг пат, не дека е малку сработено претходно. Но, му честитам на еврокомесарот Хан што ја презеде оваа работа и преку Брисел помогна да одиме натаму – рече Баер.

Според Лидија Вукадиновиќ од Факултетот за политички науки при Универзитетот во Загреб, случувањата во регионот се резултат на неодлучноста и немањето желба на западните актери – САД, НАТО и ЕУ, да бидат активно вклучени во решавањето на ситуациите во Западен Балкан. Тоа, оценува, го искористиле поединечни земји како Русија, Турција, Кина, Саудиска Арабија, Оман, Катар кои се, вели, денес повеќе од кога било досега во историјата инволвирани на овој простор. Но, додава таа, тоа не значи дека овие држави треба да се протераат.

– Ова е време на глобализација, морате да имате добри односи со сите, но исто така и време на растечки асиметрични безбедносни предизвиоци и колку тие надворешни актери можат да придонесат за стабилизирање на состојбите, толку може да се предизвика и дестабилизација на Западен Балкан. Затоа е од исклучителна важност НАТО и ЕУ да ги прифатат земјите од регионот, но да не се тутори, да не ја спроведуваат политиката на „стап и морков“, зашто тоа се покажа неефикасно и недоволно привлечно за ЗБ, вели Вукадиновиќ.

Македонија, според неа, е најдобар пример за тоа, но и други земји како Црна Гора.

– Затоа треба заедно да се седне и со сите инволвирани актери на заедничка конференција да се најде еден нов систем на рамнотежа на силите и на европските односи на Западен Балкан каде ќе се земат предвид нашите слабости, но и ќе се видат и перспективите за влез во европската заедница. Она што е позитивно е што сите земји на Западен Балкан сакаат да влезат во Унијата, сакаат да бидат дел од ЕУ и НАТО, дури и Србија која е воено неутрална е член на НАТО – програмата Партнерство за мир. Значи без оглед какви влади имаме, колку интерни проблеми имаме или сме политички нестабилни, или пак ни се слаби економиите, а имаме и уште дополнително нерешени територијални спорови реално гледано, на пример БиХ или Косово. Значи без оглед на сите проблеми со кои објективно се соочуваме, тие земји сакаат да бидат дел од слободна и демократски обединета Европа. Единствено влезот во ЕУ и НАТО е гарант за демократизацијата на нашето општество. За разлика од западните политички актери во рамките на НАТО и ЕУ, ниеден друг актер присутен тука Кина, Турција или Русија, Саудиска Арабија не им е гајле за степенот на демократија во нашите земји. Тие се грижат единствено за своите економски интереси, финансии и соработка. Единствено влезот во НАТО и ЕУ поставува одредени демократски критериуми и се бара тоа од општеството, а токму тоа е она што ни треба – вели хрватската професорка.

Таа посочува дека не може да се прескокнуваат одредени фази во создавањето на една држава и оти западните земји тоа го прават со векови, а факт е дека само Црна Гора била самостојна и независна држава во овој регион во минатото, додека останатите ги градат државите во изминатите 25 години.

– Тоа е процес кој трае. Тука ни треба потпора на ЕУ и НАТО и затоа е лошо што во изминатите пет години ги кренаа рацете од нас и што Западен Балкан е препуштен сам на себе си, но и на други актери. Сите овие нестабилности па и лошата економска ситуација во Хрватска која е членка на ЕУ и НАТО, и нестабилностите во Македонија, Србија, Босна, Косово едноставно се резултат на попуштање на политиката на Западот кон ЗБ, населението е изморено од чекањето да влезе во таа Европа, населението е заситено од постојано воведување нови критериуми. Населението едноставно сака еден порамноправен однос во напорите да се приклучи и стане член на овие организации а потоа како дел од ЕУ и НАТО мора да се воспоставуваат добри односи со сите глобални играчи без кои не можете и не смеете во денешно време – заклучува Вукадиновиќ.

Меѓународната конференција „Виенскиот конгрес и Балканот – 200 години подоцна“, како што истакна Илбер Села, директорот на Институтот за меѓународни и политички студии при Универзитетот на ЈИЕ, е со цел да се види каде е регионот на Западен Балкан денес во однос на случувањата пред 200 години и кои се перспективите.

Виенската конференција се одржа во 1814 и 1815 година во австриската престолнина и се смета за еден од клучните историски датуми во модерната мултилатерална дипломатија. Според организацискиот комитет на конференцијата, импактот од Виенската конференција на Балканот е дека и по 200 години земјите од Западен Балкан се далеку од Европа и се уште се во фокусот на европската дипломатија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top