Големата белградска поп-нојс атракција наречена „Артан Лили“ годинава првпат ќе настапи на големата сцена на „Здраво млади“, фестивалот на нова музика, кој го организира Младинскиот културен центар (МКЦ). Јубилејното, петто издание на „Здраво млади“ ќе се одржи на 7 јуни, пред платото на МКЦ, со целодневна програма, на три различни сцени.
Во изминатите четири години фестивалот ужива нагорна позитивна прогресија, како програмска, така и во поглед на зголемената посетеност и интерес од публиката.
„Артан Лили“ вторпат доаѓаат во Скопје, откако лани учествуваа на „Бела ноќ“. Се појавија во 2013 година со песната „Џони“ и веднаш привлекоа голем интерес. Белградските медиуми за нив пишуваат дека донесоа нов дух на сцената. Групата ја сочинуваат Бојан Слачала (пејач и басист), Романа Слачала (вокал), Драган Кнежевиќ (гитара) и Марко Ајковиќ (тапани). Името на групата настанало на кумановската железничка станица каде што Слачала, враќајќи се од турнеја, забележал графит со името Артан, кое веднаш било инспирација за името на групата. Првиот албум на групата излезе во април 2014 година, а нивни најголеми хитови се „Ако станемо ту“, „Испод коже“, „Сајко“, „Срце“. Пред концертот во Скопје, „Република“ разговараше со Бојан Слачала, кој е автор на текстовите. Иако главниот вокал е женски, тоа е Романа Слачала, Бојан е текстописецот. Стиховите се нежни, но не се патетични, ангажирани се, но не и дрски, разбирливи се, но не се површни.
Кои се „Артан Лили“? А, исто толку важно, што значи „Артан Лили“?
Слачала: Доаѓаме од Белград, свириме нојс-поп или, поедноставно речено, рокенрол, што значи, ја кажуваме вистината и шириме љубов!
Моментно медиумите во Србија ве опишуваат како најбитната нова српска рок-група. Колку и Вие сметате дека сте тоа?
Слачала: Никако не сакам одговорот на ова прашање да го однесам во насока на лажна скромност, така што, не сме најголеми, но моментно сме најактуелни, што ќе се обидеме да останеме уште долго, долго. Квалитетот и добрата забава, секако, ги туркаме пред сѐ…
Интересниот ритам што го нудите, пред сѐ во песната „Ако станемо ту“, многу брзо Ви ги отвори вратите од регионот. Сметате ли дека таквиот вид музика може да достигне голема популарност на овие простори?
Слачала: Очигледно може. Се разбира, оваа песна е хит, што е битен предуслов за масовен успех. Важно е да не му се потпикнуваме никому и да го правиме тоа што го сакаме, а тоа е современа музика, т.е. добар риф со порака.
Тоа што, веројатно, најмногу Ве издвојува се добро смислените текстови, кои се чиста поезија и воопшто не личат на некој балкански калап, кој одамна би требало да се исфрли. Како ги пишувате песните? Што е тоа што Ве инспирира?
Слачала: Ви благодарам на констатацијата во првата реченица. Нашите текстови се секогаш реакција на опкружувањето во кое живееме и работиме. Тоа се некои секојдневни теми, навидум наивни, но далеку од тоа дека се безопасни. Сакам да кажам, нѐ засега се тоа за што пееме. Пораката е многу важна за рокенролот. Без порака сѐ се сведува на евтина забава од свадбарски тип. Кој не го знае ова, а се занимава со рокенрол, има лоша група.
Во Белград секогаш се создавала добра музика. Кои се вашите групи? На која музика пораснавте? Дали се тоа, можеби, „Оружјем против отмичара“„Боје“, „ЕКВ“, Влада Дивљан…?
Слачала: Чинам дека најправилниот одговор би бил комбинација на новосадската и на белградска школа на рокенролот од осумдесеттите години на минатиот век. Како и секогаш, избегнувам именување затоа што ризикувам дека ќе заборавам некој важен. Сакам да кажам, секој може да потпадне под нечие влијание во животот, со што и да се занимава. Тие влијанија се многу важни и тие се нешто човечко. Работата и напредокот без влијанија не се можни.
Вторпат доаѓате во Македонија. Како би се препорачале себеси на некој што досега не ве слушал?
Слачала: Доаѓаш на концерт, проценуваш дали ти се допаѓа музиката, те засегаат ли тие теми за кои говориме во текстовите… тоа е најдобриот начин! Се разбира, важен предуслов е дали сте си поминале добро или не. По принципот „среќниот човек и во гомна се смее“. Некој си поминува добро и кога групата свири очајно од оваа или од таа причина, а од друга страна има и такви што и покрај совршените услови за свирка и публика, не наоѓаат ништо интересно за себе.
Дали добро се забавувате на концертите? Кој Ваш концерт Ви е најдраг?
Слачала: Сѐ што работиме, работиме со уживање, тоа е основата на сѐ. Меѓутоа, ние сме млада група и сѐ уште се бараме, градиме шоу и сѐ повеќе уживаме во тоа.
Што е за Вас успешен концерт? Многу луѓе, многу распродадени влезници или нешто сосема друго?
Слачала: Во прашањето е одговорот: Многу луѓе, многу распродадени влезници и нешто сосема друго, што на луѓето и на влезниците им дава смисла.
Романа е вокал и единствената жена во групата, како што пред многу години Маги беше во „ЕКВ“. Имаше многу белградски групи што имаа девојки во својот состав. Дали се однесуваат добро со Вас другите членови на групата?
Романа: Да, посебно Бојан Слачала.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




