| четврток, 6 декември 2018 |

„Партибрејкерс“ на „Битола отворен град 2015“

Оваа година главни ѕвезди на големата сцена на Широк сокак во рамките на фестивалот „Битола отворен град 2015” е познатата белградска рок-група „Партибрејкерс“.

Со гостувањето во рамките на овој меѓународен фестивал во организација на Младинскиот културен центар – Битола, „Партибрејкерс“, премиерно ќе настапат во Битола во сабота на 27 јуни 2015 година на Широк сокак.

– Ова е група што силно влијаела врз имиџот на новите музички генерации и ги има сите потребни карактеристики за да настапува во рамките на „Битола отворен град“. Досега „Партибрејкерс“ имаат издадено 12 музички албуми од кои произлегуваат многу музички хитови актуелни за сите генерации. Групата, која е формирана во 1982 година, во 1990 ја реализираше големата југословенска турнеја и истата година беше предгрупа на големата англиска рок-група „Моторхед“ на сите концерти во Југославија. Во 2012 година настапија на главната сцена на фестивалот „Егзит“, пред групите „Вулфмадр“ и „Ганс енд роузис“. Нивниот заеднички настап со Чак Бери во Загреб е, секако, еден од најважните моменти во кариерата на групата. Преку фестивалот „Битола отворен град“ публиката што традиционално во голем број доаѓа на главниот музички хепенинг овој пат ќе има можност да го проследи настапот на овој реномиран бенд – изјави Златко Талевски, извршен директор на МКЦ Битола на денешната прес-конференција посветена на фестивалот.

Групата во овој период го завршува материјалот за својот нов студиски албум, а истовремено се снима и филм за подоготовката на албумот, кој треба да се појави на почетокот на следната година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top