По потврдувањето на настапот на револуционерниот музичар, активист и еден од најважните гласови на светската музика Ману Чао, кој со својата „Ла Вентура“ ќе ја предводи програмата на „Д фестивал“, како и многубројните веќе најавени изведувачи, „Д фестивал“ продолжува да ја надополнува програмата за единствената фестивалска понуда летово! Тридневниот музички маратон, кој ќе се одржи од 17 до 19 јули во Дојран, во листата изведувачи што ќе настапат на главната сцена ги претставува и легендите на рок-сцената од овие простори, еден од најголемите белградски рок-бендови „Електрични оргазам“ и еден од најуспешните скопски панк-бендови „Новиот почеток“. Покрај тоа, „Д фестивал“ ги открива и првите изведувачи за втората по големина фестивалска сцена, која ќе биде лоцирана во фестивалскиот камп, а која ќе ги пречека гостите од Бугарија со инвентивен, свеж и неверојатно креативен музички израз „Оратница“, како и македонските претставници „Ретро кабаре“, кои загарантирано ќе ја разиграат атмосферата на фестивалот.
Легендарните „Електрични оргазам“, подготвени да „испукаат“ енергичен пресек од својата пребогата кариера од речиси 40 години постоење на сцената, доаѓаат на главната бина на „Д фестивал“ во петок, 17 јули. Основани по концерт на „Леб и сол“ во 1980 година, „Електрични оргазам“ веќе следната година се здружуваат со денес култните поранешни југословенски групи, „Идоли“ и „Шарло Акробата“ и го објавуваат задолжителното музичко четиво, епохалниот албум „Пакет аранжман“, кој им го отвори патот кон успехот. Импозантната дискографија на бендот вклучува некои од најдобрите југословенски албуми, како „Кад бубањ каже“, „Дисторзија“ и ред други. Покрај некои од најголемите регионални хитови и современите класики „Златни папагај“, „Дебела девојка“, „Крокодили долазе“, „Ја сам тежак као коњ“, „Бејбе ти ниси ту“ или „Игра рокенрол цела Југославија“, пред публиката ќе го претстават и последниот, од критиката одлично прифатен албум „То што видиш то и јесте“. Истиот ден, на главната бина на „Д фестивал“ гостува и „Новиот почеток“, скопскиот бенд препознатлив по своите енергични настапи и еден од најиздржливите панк рок / мелодик хардкор бендови од Македонија, кој постои од 2002 година. Во последните пар години тие зад себе имаат 3 подолги турнеи, од кои 2 беа ширум Европа. Неодамна го објавија своето четврто лонг-плеј издание „Јас сум земја“ кое ќе биде проследено со уште една поголема европска турнеја, во чии рамки неизбежна станица е и „Д фестивал“.
В сабота, 18 јули, на втората фестивалска бина „Д фестивал“ ќе ги пречека гостите од Бугарија, извонредно енергичната група „Оратница“ (Oratniza), која е невозможно да не ве понесе во својот музички занес. Музиката на овој бенд е спој на фолклорни мелодии, далечни абориџински мотиви, хипхоп, дабстеп, драм енд бејс и нерегуларни ритмови. Благодарение на маестралното комбинирање на регионалните фолклорни елементи со странските модерни музички стилови и употребата на нетипични инструменти, музиката на „Оратница“ допира до публиката без оглед на различните култури. „Оратница“ е група која влева нов бран на балкан-бит сцената, кој е само ним својствен и наречен булгар-бит! Разиграната атмосфера на оваа бина, истиот ден ќе ја разгори и скопскиот бенд „Ретро кабаре“ (Retro Cabaret) за кој се вели дека е бавен превоз преку македонската поп рок музичка историја „извозен“ во различни современи музички варијанти. Оформени летото 2007 година, зад себе го имаат ЕП изданието „Скопје“ (јули, 2008 година) и голема листа на незаборавни шлагер-искуства.
Своите настапи на главната бина ги потврдија и Кирил Џајковски фт. ТК Вондер, Фолтин, Бед копи, Љубојна Брас фантази, Фулиш грин, ПМГ колектив, Бла бла бла…, ЗАА, Баилдса, Културно уметнички работници и Драм’ен’брас трио, а големата прослава на затворањето на јубилејното петто издание на „Д фестивал“ е загарантирана со искрената и неверојатна енергија на музичкиот гениј Ману Чао! Само во рамки на музичката програма на „Д фестивал“ од 17 до 19 јули во Дојран ќе гостуваат повеќе од 30 изведувачи, а покрај тоа најавени се и многубројни гости од дополнителните активности на фестивалот.
ПОЧНУВА И СПЕЦИЈАЛНАТА СТУДЕНТСКА АКЦИЈА „4+1“
Покрај промотивните фестивалски и еднодневни велзници кои веќе се достапни во продажба, од понеделник (8. Јуни) започнува да се спроведува и специјалната акција „4+1“ наменета исклучиво за студентите во Македонија. Во рамки на оваа акција за 4 купени фестивалски влезници, петтата влезница ја добивате бесплатно, како и гратис камп за сите петмина. Сѐ што треба да направите е да го соберете вашето омилено друштво, задолжително да носите студентска легитимација и да се упатите во едно од официјалните продажни места на „Д фестивал“. За оваа акција да биде уште подостапна, „Д фестивал“ ќе се погрижи и околу здружувањето на сите заинтересирани. Доколку не можете да се екипирате, за полесно да ги најдете вашите пајташи за на фестивалот и полесно да стигнете до единечна карта за тридневен фестивал која практично ќе ве чини 480 денари, задолжително следете ја официјалната страница на „Фејсбук“ на „Д фестивал“.
Фестивалските билети за тридневниот музички маратон на разумот од 17 до 19 јули, вклучувајќи го и сместувањето на ептен независниот камп, во претпродажба чинат 600 денари.
Претпродажбата ќе се спроведува до 1 јули и се однесува на ограничен број на влезници.
ЕДНОДНЕВНИ ВЛЕЗНИЦИ:
Ден 1 (17 Јули) – 250 денари
Ден 2 (18 Јули) – 250 денари
Ден 3 (19 Јули) – 350 денари
ФЕСТИВАЛСКА ВЛЕЗНИЦА (+ бесплатен камп) – 600 денари
За деталите, посетете гo mktickets.mk .
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.