| четврток, 6 декември 2018 |

Полиција: Березовски е обесен. Семејството: Го уби британската тајна служба

Обдукцијата на телото на рускиот олигарх Борис Березовски, кое беше најдено мртво на југот на Англија, покажала дека тој, најверојатно, починал од бесење, соопшти ноќеска британската полиција.

– Обдукцијата е извршена во понеделникот на телото на 67-годишниот државјанин на Русија, Борис Березовски, кој е најден мртов во саботата во домот во Аскот, на југот на Англија. Резутатот од обдукцијата која ја изврши патолог од Министерството за внатрешни работи покажа дека смртта настапила од бесење. Лекарот не нашол траги на борба – соопшти полицијата.

Московските и лондонските медиуми, пак, пишуваат дека за смртта на тајкунот може да биде одговорна британската тајна служба МИ5, која не сакала Березовски да издаде државни тајни на Русија, во која сакал да се врати по 13 години егзил во Британија.

Негов близок пријател за британските медиуми изјавил дека телохранителот на Березовски го нашол телото на подот од бањата, а не во када, како што било соопштено.

– Телохранителот забележал пропуштени повици на неговиот телефон. Тоа му станало необично. Тргнал кон бањата, која била заклучена. Ја скршил вратата и видел како облечен лежи на подот. Телохранителот рекол дека не забележал крв околу телото, но му било чудно што не можел да го најде клучот од вратата – рекол пријателот на Березовски за медиумите.

Теоријата дека олигархот е убиен ја потврдува и еден од најблиските негови пријатели, Николај Глушков, кој тврди дека Березовски бил задавен и дека тоа во доверлив разговор му го кажала поранешната сопруга на тајкунот, Галина.

– Галина дошла во куќата малку по итната помош. Во бањата го видела Березовски како лежи на подот, а покрај него имало шал. Борис бил задавен. Ова не е обична смрт, тоа го сторила МИ5 – рекол Глушков.

Березовски беше некогашен миленик на претседателот на Русија, Борис Јелцин, но побегна од неговиот наследник Владимир Путин и стана еден од неговите најжестоки критичари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top