Вкупно 10 книги на македонски автори ќе бидат преведени на шпански, српски и бугарски јазик. Ова се најновите резултати од Конкурсот за финансирање преводи на репрезентативни дела од македонската книжевност од странски издавачки куќи. Конкурсот за странски издавачи е дел од програмата на Владата и Министерството за култура. Најновите резултати на денешната пресконференција ги соопшти министерката за култура Елизабета Канческа Милевска.
– Од објавување на првиот конкурс во јануари 2014 година до денес во Министерството за култура беа доставени 67 апликации од 38 издавачки куќи од Европа што доволно говори за интересот на меѓународната култура јавност за македонската литература и нејзините врвни достигнувања – изјави Канческа Милевска.
Меѓу десетте книги се и три изданија на издавачката куќа „Или-Или“ и тоа „Резервен живот“ на Лидија Димковска, „Вишнова хроника“ на Фросина Пармаковска и „Ненасловена месечева соната“ на Давор Стојановски.
– Навистина радува податокот што во листата на поддржани преводи се наоѓаат и дела на млади македонски автори кои во моментов се етаблираат во културниот простор кај нас и регионот. Нивните поддржани преводи доволно говорат за нашите заложби, преку овој конкурс да ги промовираме и младите творечки сили, младите писатели кои во иднина ќе го градат достоинството на македонската книжевност – рече Канческа Милевска.
Издавачката куќа „АВЕКА“ на шпански јазик ќе го објави делото „Слики и сенки“, избор од поетското творештво на Љубомир Груевски. Ова издание ќе биде објавено и на српски јазик од страна на Здружението на писателите на Србија. Книгата поезија „Препреки“ на Ристо Лазаров на српски јазик ќе ја објави Народната библиотека од Србија „СТЕФАН ПРВОВЕНЧАНИ“. Издавачката куќа „ЕРГО“ од Бугарија ќе го објави на бугарски јазик делото „Избор поезија“ на Анте Поповски. Издавачката куќа „ПЕРСЕЈ“ на бугарски јазик ќе го објави романот на младата авторка Фросина Пармаковска, „Вишнова хроника“ кој беше и годинашен финалист на конкурсот на Утрински весник „Роман на годината“. Истата издавачка куќа, „ПЕРСЕЈ“, на бугарски јазик ќе го преведе и романот „Сплаварот“ на Владимир Плавевски. Издавачката куќа „ИЗИДА“ на бугарски јазик ќе ги преведе првиот роман на младиот автор Давор Стојановски, „Ненасловена месечева соната“ и книгата која содржи два романа, „И човек и пес“ на Владо Димовски. Издавачката куќа „АГОРА“ на српски јазик ќе ги објави романите „Во очекување на Нобеловата награда“ на Душко Родев и „Резервен живот“ на Лидија Димковска.
– Со најновите резултати од конкурсот за странски издавачи, бројката на поддржани апликации во рамките на оваа стимулативна мерка за 2014 и 2015 година се заокружува на 40 дела од 30 македонски автори, кои ќе бидат преведени на 16 странски јазици: полски, српски, руски, германски, словенечки, украински, хрватски, француски, бугарски, црногорски, албански, турски, италијански, ерменски, дански и шпански – истакна Канческа-Милевска.
Министерката за култура информира дека на новиот конкурс за странски издавачи за 2015 година, објавен во јануари и што ќе биде отворен во текот на целата година, пристигнале 17 пријави од Србија, Шпанија, Бугарија и Италија. Селекцијата ја извршила стручна комисија, претседателот Нове Цветаноски и членовите проф. др Виолета Димова и м-р Енвер Беќири.
За овие десет дела од буџетот се издвоени околу 20 илјади евра. Цветаноски потенцира дека се поддржани уште десет квалитетни дела од квалитетни и афирмирани македонски автори.
– Тоа се дела кои имаат високи естетски и литерарни вредности и уверен сум дека по нивното објавување ќе бидат соодветно третирани и ќе наидат на добар прием – рече Цветаноски.
На Пармаковска и Стојановски овој вид на поддршка многу им значи во нивното творештво.
– Многу ми е драго што ова е прв превод на „Вишнова хроника“ – рече Пармаковска чие дело влезе во финалниот избор за „Роман на годината“ на „Утрински весник“.
Од објавувањето на првиот конкурс во јануари 2014 година до денеска до Министерството за култура се доставени 67 апликации од 38 издавачки куќи од цела Европа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



