| четврток, 6 декември 2018 |

Почина поранешниот лидер на британските либералдемократи, Чарлс Кенеди

чарлс

Поранешниот лидер на британската Либералдемократска партија, Чарлс Кенеди, почина ненадејно во својата викендичка во шкотскиот Хајленд, соопшти неговото семејство, јави „Би-Би-Си“.

Причината за смртта не е соопштена, но претставник на полицијата на Шкотска објасни дека не станува збор за сомнителна смрт и дека нема да има истрага околу тоа.

Кенеди (55) ги предводеше либералдемократите од 1999 година до 2006 година. На лидерската позиција го наследи Педи Ашдаун и успеа, не само да ги среди партиските редови, туку на парламентарните избори во 2005 година да го забележи најдобриот резултат на оваа партија во нејзината историја, претворајќи ја во влијателна трета политичка опција во британската политика и во Вестминстер.

Само седум месеци подоцна, на почетокот на 2006 година, тој мораше да поднесе оставка, откако се откри неговата голема зависност од алкохолот, поради што еднаш бил и лекуван од алкохолизмот.

По оставката, остана повлечен од главните текови на партискиот живот дејствувајќи само како пратеник од својата шкотска изборна единица.

Убеден левичар, тој во 2010 година му се спротивстави на тогашниот лидер Ник Клег, во намерата партијата да стане дел од коалицијата со Конзервативната партија.

На гласањето, тој остана единствен што гласаше против, тврдејќи дека станува збор за неприродна коалиција.

На парламентарните избори од седми мај, партијата доживеа катастрофални пораз, кој се објаснува со коалицирањето на либералдемократите со ториевците, поради што тие мораа да се откажат од многу од своте партиски определби, во интерес на единството во владата.

Кенеди беше британски пратеник од својата 23-годишна возраст, но на минатомесечните избори го загуби своето пратеничко место и сосема се повлече во својата викендичка во Шкотска.

Во политиката влегол мошне млад, како член на тогашната британска Социјалдемократска партија, која во 1988 година се спои со либералите, по што се создаде сегашната Либералдемократска партија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top