| четврток, 6 декември 2018 |

Велес го враќа приматот на индустриски град со новоотворените фабрики

Фабриката Маркарт во индустриската зона Караслари со полна пареа работи на последните подготовки за официјалниот почеток на производствениот процес. Повеќе од 100 вработени веќе започнаа со редовна работа во фабриката.

Маркарт вработува околу 600 лица, што значително влијае врз економското заживување на градот. Досега примените стручно се обучуваат во погони на Маркарт во Германија и Романија, од каде црпат знаења за професионален и успешен почеток на производството во Караслари. Административните работници веќе се сместија во просториите на фабриката.

-Оние простории што ние им ги отстапивме како Општина на Маркарт компанијата привремено да им биде сместено раководството ни ги вратија завчера со допис со голема благодарност и целокупната администрација се повлече во самата фабрика и од таму веќе си ги тераат работите односно си ги вршат сите активности што им се замислени со производствениот процес со примањето на работници, со целокупното средување на фабричката околина – потенцира Славчо Чадиев, градоначалник на Општина Велес.

Интензивното отворање на работни места продолжува со изградба на уште неколку фабрики во индустриската зона Караслари. Германската фирма „Јапоне“ која ќе произведува медицински помагала е во завршна фаза пред отпочнување на изградбата на фабриката.

-Треба во рок од 2 месеца да поднесат документација, да си платат комуналии и да започнат со градба, меѓутоа можете да видите одма пред Маркарт, Хемомак Пестициди веќе ги има поставено темелите, првите столбови се извлечени така да очекуваме многу брзо и тој процес да заврши и тој погон да биде направен, вели Чадиев.

Вкупно пет индустриски зони има во Велес. Речани 1 и 2, и Узуз 1 и 2 се комплетно исполнети. Караслари е распродадена а се работи и на развој на шестата индустриска зона Мамутчево. Со оваа динамика Велес полека го враќа приматот на економски развиен, индустриски град.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top