Војската на САД потврди дека развива ново несмртоносно оружје базирано на технологијата на електромагнетен пулс, досега позната од СФ филмовите, книгите и видео игрите.
Проектот ЧАМП (CHAMP) бил претставен минатата недела на првиот „Лабораториски ден“ на војската на САД.
Пентагон прикажа повеќе воени новини, а меѓу нив беше и ЧАМП, кој при детонација на саканата територија ослободува силен електромагнетен пулс (ЕМП) и ја оневозможува работата на електронската опрема.
Американските медиуми нагласуваат дека ЧАМП не би требало да се споредува со претходните нуклеарни ЕМП проекти тестирани по Студената војна, кои се развивани за да се онеспособат енергетските и информатичките сисеми во цели региони. Овој проект се фокусира на помали цели.
Американската авијација со користењето на овој проект би можела да го „изгасне светлото“ и да ја оневозможи комуникацијата во терористичките бази, не загрозувајќи ги животите на цивилите.
Оружјето го развива гигантот „Боинг“, а објавено е дека проектилот е успешно тестиран уште во 2012 година на полигонот во Јута, каде успешно ги изгасна сите компјутери во една зграда.
– Оваа технологија отвора ново поглавје во модерното војување. Во блиска иднина ќе можеме да го користиме ова оружје за да ги оневозможиме сите електронски системи на противниците и пред пристигнувањето на нашите трупи, изјави Кит Колман, менаџер на програмата ЧАМП.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.