Рускиот претседател Владимир Путин го критикуваше САД поради апсењата на челниците на Светската фудбалска асоцијација ФИФА истакнувајќи дека немаат надлежност надвор од својата земја.
Швајцарските власти, по налог на државниот обвинител од САД уапсија шестмина челници на ФИФА од вкупно 14 осомничени за корупција во фудбалот.
– Тоа е уште еден обид за ширење на нивната надлежност надвор од САД. Ова е обид да се спречи реизборот на Сеп Блатер за претседател на светската куќа на фудалот, што е грубо кршење на принципите по кои функционираат меѓународнитте организации – изјави Путин.
Во Цирих беа уапсени неколку челници на ФИФА за кои се смета дека во минатите 25 години примиле мито во вредност од околу 150 милиони долари. Државниот обвинител на САД и швајцарското обвинителство покренаа истрага за доделување на организацијата на Мундијалот во Русија 2018 и во Катар 2022 година.
– ФИФА го бира претседателот в петок, а Блатер има големи шанси да биде реизбран. Знаеме дека е под голем притисок да го забрани одржувањето на СП во Русија 2018 година. Блатер смета дека спортот и политиката мора да бидат одвоени – изјави Путин.
Русија во трката за домаќин на Мундијалот ја победи Англија, Португалија, Шпанија и заедничката кандидатура на Белгија и Холандија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.