Од 28 мај до 1 јуни во Младинскиот културен центар ќе се одржи 14. издание на музичкиот фестивал „Оф-фест“.
Фестивалот ќе почне в четврток (28 мај) со концерти на корејската рок- група „Џамбинаи“, а по неа ќе настапи африканскиот состав Басеко Којате и Нгони Ба.
Следниот ден во киното „Фросина“ ќе биде проектиран документарниот филм „Je chanterai pour toi“, на режисерот Жак Сарасин. Тоа е филм за Бубакар Траоре, кој потоа ќе одржи концерт.
В сабота (30 мај) ќе настапат португалката Лула Пена и мароканката Хинди Зара. Традиционално претставување македонски групи ќе има в недела кога „Чалгија саунд систем“ ќе го промовира новиот материјал.
Фестивалот ќе заврши в понеделник (1 јуни) со проекција на документарниот филм „The last song before the war“ во режија на Кили Краскоскас. Веднаш потоа концерт ќе одржат познатите пустински рокери „Тинаривен“.
Директорот на фестивалот, Оливер Белопета, ја оцени програмата како најкомпактна и најдобра досега. Тој посочи дека Хинди Зара, Бубакар Траоре и Басеко Којате доаѓаат да ги промовираат новите албуми.
– Очекуваме дека публиката, која „Оф-фест“ ја создаде сите овие години, ќе го проследи фестивалот со големо задоволство – рече Белопета посочувајќи дека билетите за Хинди Зара веќе се распродадени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.