| четврток, 6 декември 2018 |

Тринаесеттото издание на „Оф-фест“ од 30 мај до 5 јуни

Тринаесеттото издание на „Оф-фест“ ќе почне на 30 мај, соопшти „Скопски џез-фестивал“, кој е организатор на фестивалот … На 13. „Оф-фест“ од 30 мај до 5 јуни во пет фестивалски вечери ќе настапат исклучително квалитетни состави од Етиопија, Португалија, Шпанија, Конго, Јужна Кореја, Унгарија, Словенија, Хрватска и од Македонија, а ќе биде прикажан и еден музички документарец.

Фестивалот ќе почне со настап на големиот унгарски композитор, импровизатор и виртуоз на виолината Феликс Лајко, а во наредните вечери ќе гостуваат легендарниот музичар од Етипоија, Мулату Астатке – татко на етио-џезот, македонскиот бенд „Фолтин“ со неколку специјални гости-музичари од странство, харизматичниот Јупитер од Конго и неговиот бенд Okwess International, популарниот словенечки пејач и кант-автор Зоран Предин, придружен од хрватскиот џипси-свинг состав Дамир Кукурузовиќ Џанго груп, јужнокорејските инструменталисти и модерни традиционалисти Geomungo Factory.

– „Оф-фест 2014“ ќе заврши на 5 јуни, со настап на најголемата нова ѕвезда на португалското фадо Carminho, како и со концертот на свежата фламенко атракција од Шпанија, инспиративниот женски квартет Las Migas – соопшти организаторот.

Во рамките на фестивалот ќе биде прикажан и документарниот филм Jupiter’s Dance, фасцинантна приказна за животот на музичарите во Конго, раскажана преку едно неверојатно патување низ гетата на Киншаса.

Фестивалот годинава ќе се одржува на повеќе локации – Универзална сала, Македонската опера и балет, киното „Фросина“ и клубот „Станица 26“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top