| четврток, 6 декември 2018 |

Почнува 11. издание на филмскиот фестивал „Астерфест“

Вечерва, 27 мај, во големата сала на НУЦК „Антон Панов“ во Струмица, со почеток во 19.30 часот почнува единаесеттото издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“. Фестивалот оваа година се одвива под мотото „Еден филм насекаде, сите на Астерфест“.

aster_fest

На свеченото отворање ќе им бидат доделени награди на овогодишните лауреати – режисерот Киро Урдин (добитник на признанието Астер за високи достигнувања во документарниот филм) и на актерот Боро Стјепановиќ (добитник на почесното признание за високи достигнувања во филмот).

Првата фестивалска вечер ќе бидат прикажани три ексклузивни кратки филма: британскиот краток игран филм „Телефонски повик“ на Мет Киркби, кој доби „Оскар“ оваа година, американскиот документарец „Бела земја“ на Кристијан Јенсен, кој беше номиниран за Оскар и рускиот повеќекратно наградуван анимиран филм „Кокошката“ на Васил Бедошвили.

По кратката пауза филмскиот маратон ќе продолжи со уште 4 анимирани филмови и 5 турски кратки филмови од програмата „Мувиленд“.

Официјалното жири кое ќе ги оценува филмовите во компетиција е составено од: Јанко Баљак – режисер и педагог од Србија, Борис Мисирков – директор на фотографија и менаџер од Бугарија, и Атанас Чупоски – филмолог и писател од Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top