| четврток, 6 декември 2018 |

Акција на ФБИ: Се апсат високи функционери на ФИФА поради перење пари, измама и изнуда

Швајцарските власти во ненајавена акција рано утрово во Цирих уапсија најмалку шестмина високи функционери на Светската фудбалска федерација (ФИФА) за да им ги предадат на американските власти, кои ги сомничат за корупција, јави „Њујорк тајмс“.

FBL-WC-2022-QAT-FIFA

Според пишувањето на светските медиуми, се верува дека меѓу уапсените се и двајца потпретседатели на Извршниот одбро на ФИФА – Џефри Веб и Еугенио Фигуередо и Џек Ворнер, поранешен член на извршниот одбор на светската куќа на фудбалот.

Челниците на ФИФА утрово се собраа на редовен годишен состанок. Швајцарската полиција, облечена во цивилни костуми ненајвено влегла во хотелот „Бор о лак“, луксузен ресорт со пет ѕвезди со поглед на Алпите и на езеро.

Апсењата се изведени без многу врева, а најмалку двајца од хотелот излегле без лисици на рацете.

Неодамна шефот на ФИФА, Сеп Блатер изјави дека знае за истрагата на ФБИ, но дека во неа не се вклучени неговите поранешни колеги.

Апсењата се спроведени по обвинението за раширена корупција во ФИФА, која се провлекува во последните две децении, вклучувајќи го и изборот на домаќинот на светските првенства, скапите договори за правата за пренос на натрпеварите и друго.

Обвинението се однесува на перење пари, изнуда и на измама.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top