| четврток, 6 декември 2018 |

Големиот спектакл „Кармина Бурана“ во изведба на светски познатиот „Ла Фура делс баус“ ќе го отвори 55. издание на „Охридско лето“

На сцената на Антички театар на отворањето на годинешното издание на „Охридско лето“, покрај еминентните актери и оперски солисти од Шпанија, ќе настапат и музичарите од оркестарот на Македонската опера и балет и Македонската филхармонија

Големиот музичко­сценски спектакл „Кармина Бурана“ на Карл Орф, во изведба на светски познатиот ансамбл од Шпанија „Ла Фура делс баус“ ќе го отвори годинешното 55­. издание на фестивалот „Охридско лето“.

Како што најави министерката за култура на Република Македонија Елизабета Канческа­ Милевска на денешната прес­конференција на која беше обелоденета програмата на годинешното издание, ќе бидат застапени гостувања на врвни имиња и ансамбли од Европа и од целиот свет, над 30 музички настани, 14 театарски претстави, седум изложби и други активности. ­

Познатиот анасмбл „Ла фура делс баус“ во својата тридецениска историја бележи стотици успешни настапи низ целиот свет и повеќе од 100 илјади посетители. Во 1992 година ги отвори Олимписките игри во Барселона. На сцената на Антички театар на отворањето на годинешното издание на „Охридско лето“, покрај еминентните актери и оперски солисти од Шпанија, ќе настапат и музичарите од оркестарот на Македонската опера и балет и Македонската филхармонија.

– Уверена сум дека изведбата на кантатата „Кармина Бурана“ во која се применети нови мултимедијални технологии и која медиумите во светот ја оценија како необично уметничко патување, ќе ја освои и стручната јавност и македонската публика – изјави министерката Канческа ­Милевска.

Директорката на „Охридско лето“ Елизабета Јанкуловска најави дека 40. фестивалски дена на сцената на Античкиот театар, во црквата „Св. Софија”, на сцената Долни Сарај и во Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе се оддржат над 50 културни настани, а љубителите на уметноста, како што рече, ќе можат да уживаат во изведбата на звучни музички имиња од државава и светот. ­

– Годинава ќе реализираме и повеќе настани во живо на интернет. Лајв стримингот како новина која ја воведовме изминативе две години се покажа како неопходна потреба за бројни посетители кои токму на овој начин ги следеа концертите од Света Софија – додаде Јанкуловска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top