Во просториите на Македонската амбасада во Стокхолм беше одбележан 25-годишниот јубилеј на традиционалната културна манифестација „Денови на македонската поезија“ во Шведска.
Јубилејното издание на оваа единствена манифестација од таков вид во редовите на македонската дијаспора во Западна Европа, е поддржано од шведски институции и организации, како и од страна на Министерството за култура на Македонија и Агенцијата за иселеништво на Република Македонија.
Во програмата, која ќе ја отвори македонскиот амбасадор во Кралството Шведска, Александра Наќева Ружин, ќе настапат десетина поети, меѓу кои и членови на Македонското поетско друштво „Дениција“.
– Оваа поетска манифестација веќе две и пол децении дава свој специфичен придонес во пошироката рамка на напорите што се прават за меѓународна афирмација на македонската литература, вели Ивица Челиковиќ, секретар на Македонскиот сојуз во Шведска.
Годинава 25-годишнината на „Деновите на македонската поезија“ во Шведска со пригодни поетски читања беше одбележана и во Гетеборг, а за наесен е планирано поетско читање и во Малме каде што оваа манифестација за првпат беше одржана пред две и пол децении.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.