| четврток, 6 декември 2018 |

Собранието ќе ја одржи 49-та седница

Собранието на Република Македонија денеска ќе ја одржи 49-та седница во чии рамки ќе расправа по Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на потрошувачите, во прво читање и по дополнетиот Предлог-закон за царински мерки за спроведување на заштита на правата од интелектуална сопственост, во второ читање, пренесува МИА.

На дневниот ред се и предлог-законите за ратификација на Договорот меѓу Република Македонија и Европската унија за учество во Механизмот за цивилна заштита на Унијата, спогодбата меѓу македонската влада и шпанската влада за размена и заемна заштита на класифицирани информации, договорот за економска соработка меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Србија, како и договорот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Социјалистичка Република Виетнам за заемно поттикнување и заштита на инвестиции.

Пратениците ќе расправаат и по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, Предлог законот за отпишување на камати на достасани обврски по основ на придонеси од задолжително социјално осигурување и по предлог-законите за изменување и дополнување на Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лиц, на Законот за трговија и на Законот за воздухопловство, сите во прво читање.

На денешната собрниска седница е и Годишниот извештај за работата на Советот на јавните обвинители на Република Македонија за 2014 година и Годишниот извештај за работата на Судскиот совет на Република Македонија за 2014 година.

Меѓу точките за 49-та собраниска седница се и предлог-законите за изменување и дополнување на Законот за даночна постапка, на Законот за Централен регистар и на Законот за девизното работење, во прво читање.

Како што е најавено, пратениците на агендата за денешната седница ги имаат и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделство и рурален развој, по скратена постапка, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за Државниот инспекторат за земјоделство, во второ читање, како и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка, во прво читање.

На дневниот ред на 49-та седница се и Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за спречување на корупцијата, Предлог- законот за дополнување на Законот за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за даночна постапка, сите во прво читање.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top