| четврток, 6 декември 2018 |

Тендер за изградба на ПЕТ центар во Скопје

Министерството за здравство во вторник ќе објави тендер за претквалификација за доделување Договор за јавна набавка за изградба на објект за Позитронска емисиона томографија – ПЕТ Центар во Скопје.

Ова денеска на прес-конференција го соопшти министерот за здравство Никола Тодоров кој рече дека Владата на вчерашната седница донела одлука за повеќегодишна јавна набавка за изградба на овој Центар.

– ПЕТ Центарот се планира да биде изграден во кругот на Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје. Во меѓувреме се работи на подготовка на техничката и проектната документација која се изработува со поддршка од Меѓународната агенција за атомска енергија од Виена. Се очекува проектната документација да биде готова до крајот на првиот квартал од годинава, а отпочнувањето со градба во текот на мај/јуни, рече Тодоров.

Тој посочи дека изградбата на ПЕТ Центарот ќе чини 250 милиони денари, а средствата се обезбедени од Буџетот на Република Македонија.

– Позитронската емисиона томографија претставува нуклеарно-медицинска визуелизациска техника со која се добива тродимензионално прикажување и мапирање на функционалните процеси во телото. Воедно, претставува нов чекор во евалуацијата на функционалните и малигни метаболни промени во организмот на пациентите, а се користи во областа на онкологијата, хематологијата, кардиологијата и неврологијата, а во поново време и во детската патологија, потенцира Тодоров.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top