Голем број македонски доселеници во Канада, организирани во една од најубавите македонски православни црковни општини на тие простори „Св. Илија“, успешно и достоинствено ја претставија македонската култура и нашите древни традиции на Карасага – најголемиот фестивал на културите во Онтарио.
Фестивалот Карасага годинава одбележува 30 години постоење, во него учествуваат повеќе од 72 земји и претставува центар на сите случувања во градот Мисисага и пошироко во Онтарио.
Лоциран во Херши центарот македонскиот павилјон предизвика огромно внимание и љубопитност кај бројните култури и народи од светот кои го посетија со цел да ја почувствуваат и запознаат одблиску Македонија, низ нејзините фолклорни игри, вкусната традиционална кујна, бројните историски поставки, македонската топла и срдечна душа.
Македонскиот павилјон за отворен го прогласи амбасадорот на Република Македонија во Канада, Тони Димовски, а присуствуваше и заменик – конзулот од генералниот конзулат на Република Македонија во Торонто, Александра Стојкова.
Градоначалничката на Мисисага, Бони Кромби го посети македонскиот павилјон и му врачи диплома на раководотелот на македонскит павилјон Боби Темелков за учеството на фестивалот, изразувајќи благодарност до сите македонски волонтери кои придонесоа во претставувањето на македонската култура на Фестивалот. На воодушевување на домакините и посетителите заигра македонско оро кое беше најмасовно на овој фестивал.
Фестивалската програма годинава беше богата и во текот на трите фестивалски дена настапија македонските фолклорни групи „Илинден“, „Македонка“, „Везилка“, „Здравец“, „Билјана“, како и повеќе музички уметници.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.