| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски упати честитка по повод Националниот ден на Власите

грујо

Премиерот Никола Груевски во името на Владата на Република Македонија и во свое лично име, на сите припадници на Влашката заедница во Република Македонија и надвор од нашата земја, им го честита 23 мај – Националниот ден на Власите.

– Одбележувањето на овој празник претставува скромен, но значаен симбол на вреднувањето и почитта која Република Македонија ја има за своите граѓани од влашка националност. Вашиот народ бил присутен на овие простори со векови и учествувал во сите поважни настани кои денес ја одбележуваат македонската историја. Ваквата историска поврзаност на нашите народи, споделувањето на истата судбина и заедничката работа и посветеност на решавање на заедничките проблеми создале нераскинлива врска која опстои и денес. Поради сето ова влашката заедница претставува неизоставен дел од нашето општество. Вашата култура и обичаи се препознатливи и добро познати, а нивниот придонес кон диверзитетот на култури претставува извор на гордост за Македонија- се вели во честитката од премиерот Груевски.

Посакувајќи им среќен празник, премиерот Груевски повика да го продолжат делото на, се подвлекува, вашите славни предци и да продолжите да бидете активни чинители во развојот и изградбата на нашата заедничка држава.

– Власите од Република Македонија отсекогаш имале силно чувство за заедништво и сплотеност со останатите народи, принцип кој е високо вреднуван во нашето општество темелено на инклузивност, слобода и еднаквост на сите граѓани без оглед на нивната етничка или религиозна припадност. Ваквите светогледи единствено може да бидат гаранција за светлата иднина на Македонија во која секој поединец има подеднаква можност да ги оствари своите права и соништа, да изгради живот каков што посакува за себе и своето семејство, а со тоа и да придонесе кон понатамошниот развој на нашата татковина- стои во честитката од премиерот Груевски Националниот ден на Власите

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top