За време на исцрпувачките и долготрајни преговори со европските кредитори, Атина на моменти, кога работите ќе ѝ изгледаа безизлезни, размислуваше да ја искористи џокер-картата наречена Русија. Приказната почна со низа дипломатски увертири меѓу владата на Ципрас и Москва, а набрзо прерасна во сериозна врска по појавата на гласини дека Грција би можела да стане дел од рускиот гасовод „Турски тек“, кој би носел руски гас преку Турција, Грција, Србија и Унгарија до австрискиот Баумгартен, со што Русија, пак, успешно ќе ја заобиколи Бугарија.
Протече и информација дека Русија ќе ѝ даде 5 милијарди аванс на Грција за идниот профит од гасоводот, што ќе ѝ го намали притисокот од тројката. Имаше разни претпоставки за тоа кога ќе се слеат парите од Москва во Атина, а разговорите продолжија со посетата на директорот на „Газпром“, Алексеј Милер, на Атина со цел да разговара за актуелните енергетски прашања.
Посетата беше повеќе од тоа што Европа можеше да го поднесе, па Европската комисија веднаш поднесе тужба против рускиот гигант за гас за монополско работење, што личеше на апсурдно провиден обид Брисел да го спречи Кремљ во мешањето во преговорите меѓу ЕУ и Атина за отплата на долгот.
Според „Њујорк тајмс“, Вашингтон не е расположен да гледа како колепката на западната цивилизација потпаѓа под контрола на руска компанија за природен гас.
– САД прават меѓународни напори за да ја оформат економската и геополитичката ориентација на Грција, притоа притискајќи ја левичарската влада во Атина да ги одбие енергетските предлози на Русија – напиша „Њујорк тајмс“.
Амос Хохштајн, претставник на Стејт департментот, неодамна ја посети Грција и ѝ порача да го прифати западниот проект, кој ќе носи гас од Азербејџан до Европа, наместо гасоводот на кој инсистира Русија. Според него, ако Грција одлучи да ја одбие руската понуда и да не дозволи „Турски тек“ да поминува низ грчка територија, ќе ѝ стане помила на западните инвеститори и ќе ја намали зависноста на ЕУ од рускиот гас.
Убедувањата од двете страни личат на битка од Студената војна, а се случуваат во момент кога Грција е во долгови до гуша и е очајна за нови извори на приход, како, на пример, од гасоводот.
Снабдувањето на Европа со енергија – сè понапната игра
Во телефонски разговор со рускиот претседател, Владимир Путин, грчкиот премиер, Алексис Ципрас, ја потврди подготвеноста на земјата да учествува во изградбата на гасовод кој ќе го презема рускиот гас од грчко-турската граница и ќе го носи кон Европа.
За грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коцијас, е важно тоа што грчкиот дел од рускиот проект може да ѝ донесе милијарди на Грција.
Иако тој приход би почнал да се слева по неколку години, без оглед дали ќе биде од руски или од западен проект, Грција има одлична причина да биде заинтересирана.
Хохштајн во Грција го промовираше проектот „Јужен гасен коридор“, чијашто изградба би траела со години за да се изгради мрежа гасоводи кои би ги поврзале Азербејџан и Италија преку Грција, а ЕУ, конечно, ќе може да брцне во богатствата на Касписко Море.
Целта на „Јужен коридор“ е да се подобри енергетската диверзификација на ЕУ или, со други зборови, проектот е обид да се скрши обрачот на „Газпром“ околу Европа, па токму затоа Вашингтон лобира поагресивно кај Грците.
Во февруари 2015 година и Европскиот совет за надворешни работи ја изрази својата наклонетост за соработка со Азербејџан за диверзификација на снабдувањето од Русија елиминирајќи ги Иран, Либија, Египет, Турција и други поради политички или економски причини или поради недоволна транспортна инфраструктура.
Според „Тајмс“, тоа е само уште еден доказ дека Вашингтон е сè позагрижен што светот по падот на Советскиот сојуз сè повеќе се оддалечува од неговата доминација. Таа загриженост Вашингтон ја манифестира преку оживувањето на политиката на Студената војна.
Се разбира, официјалната изјава е дека САД само се загрижени за економската иднина на Грција и дека нивната „татковска рака“ треба да ѝ помогне на земјата, која очигледно не може сама да донесува одлуки.
А, Путин, пак, за сето тоа само рече:
– Тоа што Грција е во долгови до гуша, не значи дека е и врзана, и сопната, и дека нема своја независна надворешна политика.
Извор: „Глобал рисрч“
Превод: Марија Манасиева
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.