| четврток, 6 декември 2018 |

Кумановски тек

Насловот на овој текст е кованица од две теми кои деновиве се најактуелни не само во Македонија туку и пошироко, во медиумите и во кабинетите на сите соседи на Македонија, но и во кулоарите и тајните разговори на големите и на средните европски сили. Сите се интересираат за тоа што се случи и зошто се случи терористичкиот напад во Куманово. Некои се плашат од префрлање на насилството на нивна територија, некои за да им пружат поддршка на своите македонски пријатели, некои за да видат како во иднина не треба да ги планираат нападите кон Македонија. Дел од набљудувачите сакаа да ја видат на дело македонската подготвеност да се справи со слични предизвици, а некои, пак, за да можат да видат како во иднина да ги коват своите регионални и глобални планови

Многу контроверзии прочитавме и слушнавме во врска со Куманово од денот на победата над фашизмот, по ново Денот на Европа, до денеска. Америка сакала да го спречи рускиот проект „Турски тек“, Груевски сакал да ја дефокусира јавноста од бомбите на Заев, Еди Рама сакал конкретно да покаже што ќе се случи на Балканот доколку не биде исполнето неговото барање за Косово како дел од ЕУ, Заев сакал да ја дестабилизира владата на ВМРО-ДПМНЕ, Рамуш Харадинај испратил свои групи за да го поврати влијанието на Косово и многу други кои се помалку или повеќе релевантни.

 

Еднаш командант, секогаш командант

Онаа најреалната за која ретко кој зборува е дека во албанските кругови во Албанија, Македонија и во Косово постојат криминални групации кои, поведени од таканаречената „голема победа“ во Косово 1999 и во Македонија во 2001, најмалку се анализираат затоа што со тоа сите регионални лидери ќе признаат дека не успеале во намерата Балканот да го претворат во мирна зона. Тие насилници не можат да прежалат што никогаш не станаа големи газди, министри или влијателни јавни личности со многу пари. Задоени со вирусот на радикален национализам, кој последните неколку години се меша со радикален ислам (ниту еден од групата убиени или заробени во Куманово не е католик или православен), тие никогаш не престанаа, пред сè, да бараат пари од богатите Албанци за да ја продолжат својата агенда според агендата на Призренската лига, која е во срцето на сите Албанци каде и да живеат. Во регионот каде што има илјадници сиромашни, необразовани, антихристијански задоени Албанци (како што има исти такви антизападни и антимуслимани Македонци, Срби, Црногорци), овие криминални профили, кои зад себе имаат дебели досиеја, немаат проблем да регрутираат партнери за хаос. Имињата на овие луѓе се провлекуваат низ настани, пред сè, во Косово и во Албанија од косовските закани во 2004 година, насилните конфликти на мостот на Ибар во Митровица, преку убиствата на Срби и палењето српски куќи во големите нереди во 2005 година на Косово, ослободувањето на Лирим Јакупи Нацист од затворот „Дубрава“ во 2006 година, настаните во Бродец во 2009 година, за на крајот, ако воопшто има крај, да се заврши со Куманово.

Исто како што за покојниот Лирим Јакупи Нацист се шпекулираше дека е човек на српската или на француската тајна служба, кои преку него контролирале дел од процесите во албанското етничко подземје, така и сега многумина би се заколнале дека дел од убиените или заробените во Куманово се протежеа на локални и други служби, но во исто време дека единствен нивни газда е агендата за формирање етничка Албанија во која тие би биле газди и ниту еден политичар, граѓанин или кој било фактор не би можел да им командува. Оваа национална, социјална и верска стратегија засега е неуспешна не само поради Охридскиот договор туку и поради тоа што по цена на огромни жртви (и еден загинат полицаец е огромна жртва) групата беше спречена да ја запали Македонија.

 

analiza141-2-2

 

Стапица за ОНА

На ниво на научна фантастика е да се тврди дека групата од современо опремени и одлично обучени фанатици, притоа со искуство од крвавите фронтови во Ирак и во Сирија, ќе влезела во кумановската населба Диво Насеље доколку не била сигурна дека има план Б. Една од нивните алтернативи била, доколку влегле во конфликт со македонската полиција пред денот предвиден за исполнување на терористичките дејства против институции и граѓани, нивните другари по криминал да почнат слични акции во други делови во Македонија и да ги развлечат и ослабнат македонските специјалци, кои објективно не можат да водат целосно успешна антигерилска војна на повеќе од 2-3 локации во исто време. Напади на македонските специјалци од зад грб со цел да ослабне притисокот врз групата и да се овозможи премин за нивно повлекување кон Липково и кон Косово е вториот момент кој бил сосема можен, но од причини непознати за терористите, за среќа, тоа не се случи. Ова неспроведено сценарио е централна тема на сите Албанци во регионот и во дијаспората сите се прашуваат кој ги предаде нивните сонародници кои, иако се признава дека биле криминалци, се доживуваат како некакви национални фигури од голема важност.

 

Кој ги предаде? ДУИ на критика

Први на удар на критиките за предавството на групата на командант Соколи (Сами Укшини) се двете најголеми партии на македонските Албанци – ДУИ и ДПА. На Ахмети, освен тоа што му се забележува дека дозволил да се „пролее крв на најголемите синови на албанската мајка“, како што тврдат на социјалните мрежи другарите, роднините и поддржувачите на терористичката група, му се зема за грев тоа што, иако се работи за криминалци, не им дал сигнал дека во Куманово ги чека тежок пораз кој е еден од најголемите во последните 15 години од кога Албанците во регионот со поддршка на западните сили ги постигнаа речиси сите свои стратегиски цели. Дури и умерените Албанци прашуваат зошто Ахмети, кој имал начин да им каже на терористите дека не смеат да влезат во Куманово поради нивната лична безбедност, не го сторил тоа. Дел од одговорите на ова прашање на социјалните мрежи се дека на Ахмети му дошло преку глава од постојаните барања за помош од криминалците кои постојано барале пари, вработувања за нивни членови (двајца од групата се полицајци во МВР) и други услуги кои Ахмети, и да сакал, не можел да ги исполни. Дел од набљудувачите, пак, сметаат дека ДУИ од различни причини навистина сака да помогне Македонија да се организира како граѓанска земја во која нема место за такви криминалци.

 

САД и ЕУ можеа да ја спречат целата работа со два потега

Од геостратегиски аспект, доколку навистина има каков било простор за шпекулациите дека Куманово е дел од обидите на САД да го спречат Путин да пенетрира енергетски и политички во срцето на Балканот, кој западните сили одамна го сметаат за свој, тогаш инцидентите можеа да бидат избегнати. Исто како што во Атина пред десетина дена дојде американски пратеник кој, според зборовите на грчкиот министер Лафазанис, се противел на изградбата на „Турски тек“ преку Грција, таква посета можеше да се организира и во Скопје. Специјалниот преговарач на Стејт департментот, Хокстајн можеше да дојде во Скопје и да ја прати истата порака и, исто како на Грција, нам да ни вети дека Македонија ќе биде дел од Јадранскиот гасовод. Во тој случај ќе немаше ниту еден заинтересиран за рускиот гас преку „Турски тек“, ниту ВМРО-ДПМНЕ ниту СДСМ, уште помалку ДПА и ДУИ. Без какви било компензации Македонија ќе го прифатеше барањето на САД како стратегиски партнер да излезе од комбинациите за „Турски тек“, ако такво барање воопшто имало. Да не говориме дека во случај САД навистина да прават сè што можат за да спречат руско влијание на Балканот преку гасот, можеа да ја протуркаат Македонија во НАТО, а ЕУ да даде датум за преговори и со тоа ќе запреа сите муабети за руско-турски тек во Македонија. Вака, со контроверзни шпекулации што ги слушаме секојдневно, а никој не ги објаснува, останува горкиот впечаток кај голем дел од јавноста дека, сепак, Македонија повторно е жртва на големите сили.

Пишува: Горан Момироски
Фото: Ѓорѓи Личовски
(Текст објавен во 141. број на неделникот „Република“, 15.05.2015)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top