Алијансата на европски либерали и демократи (АЛДЕ), европска партија која ги обединува либералнодемократските партии, повика на отворање на европската перспектива за Македонија и изнаоѓање начин за нормализирање на работата на Собранието за да се спроведат потребните реформи. Соопштението на АЛДЕ, објавено во име на нивниот претседател и поранешен премиер на Белгија, Ги Верхофштад, е објавено по разговорите во Стразбур чијашто цел беше да се најде решение за излез од политичката криза во Македонија.
– По преговорите меѓу лидерите на водечките македонски политички партии, пратеничката група на АЛДЕ во Европскиот парламент очекува решение кое ќе доведе до крај на актуелната криза. Двете партии се согласија да ги стават интересите на Македонија на прво место, и евроатланската интеграција да биде при врвот на нивните приоритети. Го повикувам премиерот Груевски и лидерот на опозицијата Заев да работат на политичко решение на актуелната криза и да најдат начин Собранието да продолжи со работа, на потребните реформи. Во исто време, важно е пристапната перспектива на Македонија да биде појаснета и спорот за името конечно да биде решен. Ова е повик за европското лидерство, и повик за грчката страна да го преземе својот дел на одговорноста за стабилноста на Западниот Балкан – пишува во соопштението на лидерот на АЛДЕ Верхофштад.
Известувачот за Македонија, словенечкиот европратеник Иво Вајгл, кој учествуваше на разговорите меѓу ВМРОДПМНЕ и СДСМ во Стразбур и претходно во Брисел, е член на АЛДЕ. Во соопштението на оваа четврта по големина група во Европскиот парламент, се пренесува и изјава на Вајгл.
– Беше постигната согласност за некои важни принципи за натамошните разговори кои ќе се одржуваат и во Скопје, меѓу лидерите на македонските политички партии, и во Брисел, со учество на европратеници и на Европската Комисија. Иако се уште постојат разлики околу тоа како да ставиме крај на разликите, важно е тоа што политичката криза во земјата, особено по трагичниот инцидент во Куманово, го привлече вниманието на институциите на ЕУ, ОБСЕ, Советот на Европа и НАТО. Македонскиот напредок кон интегрирање во ЕУ беше блокиран премногу години и оваа ситуација придонесе кон продлабочување на политичката криза, иако земјата исполнува многу критериуми за отворање на преговорите, оценува Вајгл.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


