| четврток, 6 декември 2018 |

Албанскиот парламент до Ердоган: Ние не сме турска колонија и немаме татко надвор од земјата

albanian-parliament-565x332

Посетата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на Албанија помина во сенка на барањето на турскиот шеф на државата упатено до домаќините веднаш да ги затворат училиштата кои припаѓаат на кругот на општественото движење Хизмет и работат во 52 земји во светот. Инаку, движењето е инспирирано од идеите на професорот Фетулах Ѓулен, кој Ердоган го смета за свој политички непријател, а во Турција веќе со месеци се прогонуваат сите во општествената структура за кои (според системот за прогон по Резолуцијата на информбирото од 1948 година во Југославија) постои сомневање дека припаѓаат на таа групација, пишува „Дневни аваз“.

Остри критики

Така Бен Блуши, шефот на пратеничкиот клуб на социјалистите, владејачка политичка сила во Албанија, на Ердоган му заблагодари за посетата на Тирана, како и за најавената помош за изградба на џамијата Намазгја, најголема на Балканот, иако потенцира дека би било подобро Албанците да ја градат со свои пари. Но, она што предизвика голем оддек и во Турција е фактот дека на Ердоган од албанскиот парламент се упатени остри критики, како своевидна политичка шлаканица.

– Претседателот на Турција за овој подарок бараше од нас една противуслуга. А за подарок противуслуга не се бара. Тој бара да се забрани работата на движењето кој тој самоиницијативно го прогласи за терористичка организација. Се работи за движење кое е присутно како во Албанија така и во Турција. Јас не можам да разберам терористичка организација која не убила никого. И таа организација, која турскиот претседател ја нарекува терористичка, во Албанија не е поврзана со ниту едно кривично дело. И сега тој од нас бара да ја уништиме само затоа што тоа е во негов интерес – рече Бен Блуши пред албанскиот парламент.

Понатаму, тој потенцира дека Турција Албанија ја става во состојба која за нив е неприфатлива. Турските медиуми, пишувајќи за овој случај, укажаа на парадоксална состојба дека токму Ердоган и други турски лидери претходните години отворале училишта, а сега бараат нивно затворање!? – Ова е вазалство. Јас тоа не сакам да го прифатам… Ниту еден шеф на држава или премиер, од било која држава да доаѓа, не може самоиницијативно да декларира терорист било кого, без оглед на тоа дали е Турчин или Албанец. Тоа не е разумно и тоа е неприфатливо! Од таа причина вакво нешто треба категорички да го одбиеме. Ќе го одбиеме бидејќи ние не сме турска колонија! Не сме колонија и нема за некоја хедија да ја погазиме нашата слобода ниту нашата национална гордост – истакна Блуши.

Пријател или татко

Тој објасни дека Ердоган бара албанските власти да затворат неколку училишта во Тирана, бидејќи наводно ги финансираат неговите политички противници во Турција.

– Претседателот на Турција беше тука и ни порача: – Треба да затворите неколку училишта. Како го кажа тоа? Дали тоа го порача како брат? Како пријател? Дали некогаш сте слушнале или виделе брат или пријател да ви каже: Затворете го тоа училиште! Јас не сум слушнал. Како го кажа тоа? Како да ни е татко, така го кажа… Ако ние како народ имаме свој татко, мислам дека тоа треба да биде Скендер бег, па по него Исмаил Кемал. Ние надвор од Албанија немаме свој татко! Сакам да кажам дека ова е неприфатливо барање. Ние порачуваме дека вчерашното барање беше премногу. Албанскиот парламент, претседателот на државата, премиерот и владата ја сватија состојбата во која се најдоа, но ова нема да го прифатат. Ова за нас е неприфатливо, ни не сме турска колонија. Ниту тоа некогаш сакаме да бидеме. Ние не сме ничија колонија. Ничија – порача Бен Блуши.

Не сме страна во судирот

Порачано е дека Албанија не треба да зазема став во поглед на меѓутурските превирања. – И ова не смее да се усвои. Ние не сме ниту една страна во турските политички превирања. И неприфатливо е сега некој да доаѓа тука и поради свои политички причини да бара ние да ги елиминираме тие негови соперници. Јас тука никого не бранам: ниту овие за кои тие зборуваат, ниту нивните соперници. Мене тоа не ме интересира. Мене ме интересира нашата слобода за донесување на одлуки… Верувам дека ова е ден кога едногласно ќе го отфрлиме ова барање. Претседателот на Турција уште порача и дека нема да се покаеме. Сепак, бидете сигурни дека нема да се покаеме бидејќи ја браниме својата слобода и својата национална гордост – заклучи Блуши.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top