| четврток, 6 декември 2018 |

Вајгл, Кукан и Ховит ја поздравија искрената диксусија и сметаат дека е важно средбите да продолжат

По разговорите кои траеја десет часа меѓу Никола Груевски и Зоран Заев во Стразбур, тројцата европратеници, олеснувачи на разговорите од европскиот парламент: Ричард Ховит,  Едвард Кукан и Иво Вајгл испратија кусо соопштение во кое се поздравува искрената дискусија која се водела минатата ноќ и се изразува очекување дека разговорите ќе продолжат меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

– Во контекст на разговорите кои се одвиваат, премиерот Никола Груевски и лидерот на главната опозициска партија Зоран Заев се сретнаа со Иво Вајгл, Евдард Кукан, Ричард Ховит и комесарот Јоханес Хан во Стразбур на 19-20 мај 2015 година. Пратениците и комесарот Хан ги поздравуваат напорите на лидерите на партиите да работат за постигнување договор во интерес на сите граѓани на земјата и да се решат предизвиците кои произлегуваат од кризата во согласност со европските стандарди.

Партиите ја потврдија нивната определба за ЕУ интеграција и демократските принципи и се согласија дека на прво место мора да ги стават интересите на земјата. Пратениците и комесарот Хан ја поздравија искрената дискусија околу клучните теми на несогласувањата. Сите страни се согласија дека е важно средбите да продолжат“, се наведува во заедничкото соопштението на тројцата пратеници.

Како што јавува дописникот на МИА од Стразбур, на синоќешните средби се разговарало ЕУ да испрати свој претставник или претставници кои би го олеснувале дијалогот и би биле гарант за имплементација на евентуалниот договор, по примерот на белгискиот експерт Питер ван Хоуте, кој помагаше за воспоставување на политичкиот дијалог.

За клучната тема на несогласување, а тоа е барањето на опозицијата за формирање преодна влада, владејачката партија останала на ставот дека за нив такво нешто е неприфатливо и имале став за формирање работни групи кои би работеле на унапредување на неколку сфери и области, како што понудила и ДУИ на последната лидерска средба во Скопје.

Според неофицијалните информации, значен напредок во преговорите не е постигнат, но заедничка оценка е оти е добро што има средби и се разговара.

Инаку, претседателот на Владата на Република Македонија и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски попладнево во Стразбур ќе има средба со генералниот секретар на Европската народна партија Антонио Лопез- Истуриц.

Груевски ќе се сретне и со претседателот на Парламентарната група на Европската народна партија во ЕП Манфред Вебер. Груевски ќе има обраќање и ќе учествува во дискусијата на координацијата на Парламентарната група на ЕПП во Европскиот парламент.

ЕПП, во која членува ВМРО-ДПМНЕ, е најголемата политичка партија на европско ниво и најбројна група во Европскиот парламент.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top