| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Мирот и стабилноста никому нема да дозволиме да ни ги наруши, Македонија е европска земја и ќе го добие заслуженото место!

Премиерот Никола Груевски и лидер на ВМРО-ДПМНЕ даде јасни политички пораки на најмасовниот народен собир, одржан во понеделникот, на кој присуствуваа над 90.000 граѓани, кои дојдоа да ја дадат својата поддршка за силна Македонија. Коментирајќи го Заев кој прифатил да биде инструмент во реализацијата на деструктивното мрачно сценарио, Груевски посочи дека премиер кој би дошол на власт со странски разузвачки служби би бил премиер на некои други центри, а не на Македонија

-Замислете за момент, премиер и политичка гарнитура, кој на власт ги донела странска разузнавачка служба, која како што и самиот кажува ги имала и неговите телефонски разговори и разговорите на цела таа гарнитура. Колку независен ќе биде тој премиер кога знае, како што него го користеле за вакво сценарио, можат и друг да најдат за истото против него и против нив. Тој ќе биде премиер-послушник и вазал. Тој нема да биде премиер на граѓаните на Македонија, туку премиер на некои други центри. Македонија нема да си дозволи таков премиер и раководсто кое стои зад таков човек, истакна Груевски.

Тој додаде дека СДСМ сакаат без идеи и програма, без проекти и дела, без конкретни, обмислени и сериозно поткрепени решенија на проблемите на  граѓаните да ја добијат народната волја.

-Нашето работење, нашите реформи, нашиот напредок, нашите инвестиции, нашата грижа за земјоделецот, новите работни места, сето тоа е контрастот и го покажува нивното неработење кога ја имаа довербата на народот. Го слушам Заев, објаснува дека ќе донеле странски  инвеститори, а домашните ќе го имале приматот. Па тој во Струмица е 10 години градоначалник, еден странски инвеститор не донесе. А за домашните инвеститори, и видовме и слушнавме каков примат имаат, со директното барање мито и корупција, класичен рекет, без срам и без достоинство. И колку да не излезе вистината дека немаат ни програма ни визија, во неговиот настап вчера видовме десетина општи флоскули, очигледно во последен момент пред настанот набрзина внесени, за да заличи дека нешто обмислиле, истакна Груевски на народниот собир во понеделникот на кој присуствуваа над 90.000 граѓани.

Премиерот посочи дека СДСМ всушност бара да дојдат на власт и работењето полно со афери и сомнежи за криминал да го пресликаат на државно ниво.

-Тие луѓе бараат моја оставка. Тие всушност бараат да им ја оставиме Македонија ним, во нивни раце и во нивно управување. Овој народ вечерва, оваа масовност, оваа енергија, оваа сила, е најдобриот одговор до нив, рече Груевски на собирот одлучно додавајќи дека Македонија ќе оди напред, а мрачните сили и како што рече манипулаторите нема да успеат.

-Искреноста ќе победи. Слабостите ќе се остранат. Ветеното ќе се реализира. Мирот и стабилноста никому нема да дозволиме да ни ги наруши. Соживотот ќе го негуваме и надградуваме. Образованието ќе јакне.Инвестициите ќе продолжат. Економијата ќе продолжи да отвора нови работни места. Македонија е европска земја, и ќе го добие заслуженото место. Имаме тим и визија, дециден беше Груевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top