Две минофрлачки гранати денеска ја погодија Руската амбасада во главниот град на Сирија, Дамаск. Во инцидентот нема повредени лица, причинета е само материјална штета, изјави портпаролката на Амбасадата, Азија Туричијева.
Таа посочи дека Амбасадата била гранатирана за време на паузата за ручек и затоа нема повредени лица.
– Две минофрлачки гранати паднаа на територијата на Амбасадата, едната падна во непосредна близина на главниот влез, додека другата ја погоди управната зграда, посочи Туричијева.
Сириските власти веднаш реагираа и ветија дека ќе преземат неопходни мерки за безбедноста во Амбасадата.
Руската амбасада во Дамаск последен пат беше нападната во јануари, кога граната го погоди покривот на зградата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.