| четврток, 6 декември 2018 |

Соодветен автоплац услов за продажба на увезени половни возила

автоплац

Најмногу две половни возила од увоз може да продадат годишно физичките лица регистрирани за оваа дејност. Притоа е неопходно да имаат автоплац, како посебно продажно место, кој исполнува минимум технички услови пропишани со закон.

Ова го предвидуваат најновите измени на Законот за трговија, кој денеска го помина првото читање пред собраниската Комисија за економски прашања.

– Станува збор за регулирање на увозот на половни автомобили, односно на дејноста за продажба на користени возила кои се увезуваат во Македонија. Со измените ќе се ограничи бројот на увезени возила до две и точно ќе се дефинираат минималните технички услови што мора да ги исполнуваат автоплацевите – истакна заменик-министерот за економија Христијан Делев, образложувајќи го текстот.

Со ова, додаде, ќе се заштитат и потрошувачите бидејќи е планирано да има одговорни лица што ќе вршат продажба и кај кои ќе можат да се пријавуваат одредени нерегуларности.

– Досега се јавуваа физички лица што стануваа дилери на половни возила без да бидат регистрирани за таквата дејност. Никој не одговараше за евентуалните дефекти или неправилности при склучувањето на договорот или за квалитетот на возилото што се продаваше – нагласи претседателот на Комисијата, Владанка Авировиќ.

Измените ги поздрави и пратеникот Зоран Илиоски констатирајќи дека со ова Македонија го следи трендот на развиените земји.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top