Претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски во своето обраќање на пролетната сесија на Парламентарното собрание на НАТО, говорејќи, меѓу другото и за актуелната состојба во државата, истакна дека демократските институции ќе се справат со сите тешкотии, а Македонија од таквата состојба ќе излезе уште посилна и подостоинствена, гордо чекорејќи напред и напредувајќи.
– Република Македонија своето членство во НАТО и во ЕУ го смета како трајна обврска, за што во државата постои широк и сеопфатен политички и општествен консензус, а желбата се раѓа токму од нашите заеднички вредности – подвлече Вељаноски.
Тој рече дека Македонија останува силно посветена на својот дводецениски евро-атлански курс, постојано поддржувајќи ги мисиите на Алијансата и посветено исполнувајќи ги сите критериуми за полноправно членство.
– Република Македонија непрекинато докажува дека го заслужува своето место меѓу еднаквите – нагласи Вељаноски во денешното негово обраќање на пролетната сесија на Парламентарното собрание на НАТО во Будимпешта, Унгарија.
Тој потенцира дека Република Македонија гледа на НАТО како на еден од клучните столбови на модерната европска безбедносна архитектура, своето членство во Алијансата го смета како трајна обврска, за што во државата постои широк и сеопфатен политички и општествен консензус.
Претседателот на Собранието во обраќањето потсети дека уште од 1999 година, Македонија е кандидат за полноправно членство на Алијансата. – Долги години стрпливо чекаме да ни бидат отворени вратите на Алијансата. Веќе трета декада придонесуваме во остварувањето на целите на НАТО како да сме членови, иако тоа не сме – нагласи Вељаноски во обраќањето.
Во контекст на безбедноста во овој дел од стариот континент, оцени дека токму интеграцијата на сите земји од регионот во евроатлантската заедница и силната регионална и билатерална соработка се најдобрите механизми за одговор на заедничките предизвици.
Според него, Европа не може да биде слободна, безбедна, стабилна и обединета без интеграција на сите земји од западниот балкан. – Македонија во континуитет ги поддржува напорите на Алијансата и на ЕУ за развој на демократијата, мирот и еднаквоста, во глобални рамки, а пример за тоа е и децениското учество во мировните операции на овие организации – рече Вељаноски, додавајќи оти македонските мировници се наши најдобри амбасадори на мирот и повеќе од една деценија се распоредени во меѓународните мировни мисии во Авганистан, Босна и Херцеговина, Ирак и Либан.
Во таа насока, спомена дека придонесот во операциите предводени од НАТО, ЕУ и ОН останува висок приоритет, толку долго колку што е потребно.
– Република Македонија решително и посветено се залага за добивање на своето веќе заслужено членство во Алијансата. Република Македонија и де факто е член на Алијансата. Се надевам дека во периодот кој доаѓа, нашите пријатели ќе се одважат да најдат начин, модел или решение, за тоа Република Македонија да седне на масата помеѓу еднаквите. Република Македонија нема друга иднина освен евро-атланската иднина – порача претседателот на Собранието Вељаноски.
Осврнувајќи се на настаните во 2001 година во Македонија, тој подвлече дека во тие круцијални моменти за стабилноста и безбедноста на нашата држава, пријателите од НАТО одиграа решавачка улога за што, рече, сме и ќе бидеме секогаш благодарни.
– Во оваа смисла, како дополнение во декларацијата од Самитот на НАТО во Букурешт во 2008., јасно беше призната нашата посветеност кон вредностите и оперативните активности на НАТО и напредокот во реформскиот процес. Сепак, за наша голема жал, поради непочитувањето на меѓународните договори во кои нашиот јужен сосед се обврзува дека нема да го блокира членството на Република Македонија во меѓународните организации, како држава, се уште стоиме пред портите на Алијансата. Обесправени, но не и обесхрабрени – рече претседателот на Собранието во обраќањето.
Поучени од минатото, силно посветени на иднината во која се гледаме како полноправна членка во Алијансата, истакна Вељаноски, Македонија продолжува со поддршка на НАТО мисиите насекаде низ светот.
Република Македонија, посочи претседателот на Собранието, пред една недела се соочи и успешно надмина еден од поголемите безбедносни предизвици. – Бевме сведоци на професионално изведена полициска акција која разби терористичка група од повеќе од 40 луѓе, организирани да и’ нанесат штета на Македонија, но и на регионот. Оваа акција, за жал резултираше со загуба на осум припадници на безбедносните сили, додека 37 од нив беа ранети, информираше Вељаноски.
Дологодишниот статус-кво, смета Вељаноски, создава простор за најразлични обиди за дестабилизација и затоа, нагласи, е потребно итно да се изнајдат начини да и се овозможи напредок на Македонија во евроатлантските интеграции.
– Сега повеќе од кога било е особено важно да се врати чувството на сигурност и на безбедност на граѓаните. Сега повеќе од кога било е важно да се засили обединетоста на внатрешен план, но и регионалната и меѓународната соработка – рече Вељаноски.
Тој укажа дека Македонија е приморана да стои пред вратите на Европската Унија и на НАТО заради овој наметнат и ирационален проблем, а секојдневно работиме на продлабочување на регионалната соработка со нашите соседи, продлабочувајќи ги економските, политичките и добрососедските односи.
Исто така, посветени на нашето стратешко партнерство со Соединетите Американски Држави, посочи, владите на двете држави одржуваат тесни политички односи.
– Во ова време на искушенија, во време кога земјите од Балканот се наоѓаат помеѓу огнот на истокот и западот, Македонија, недвосмислено, го потенцира и негува своето стратешко партнерство со Соединетите Американски Држави – рече Вељаноски.
Осврнувајќи се и на спорот со името, иако, како што рече, никакво решение не е на повидок, се уште има верба дека разумот ќе преовладее и оти овој спор ќе биде надминат за што, додаде, најголем доказ е пресудата од Хаг која ни го дава целото право да го браниме она што е наше и она во што веруваме.
– Стрпливо разговараме и укажуваме дека во нашето име, нашите соседи не може да најдат основа за каков било проблем по нивната стабилност, безбедност или пак некакви територијални претензии – рече Вељаноски.
Како држава, рече, сме неуморно ангажирани во насока на придвижување на овој процес во меѓународните институции.
– Нашиот став по прашањето за името е јасен. Нема промена на Уставот со цел промена на уставното име. Не прифаќаме идеи и предлози кои го загрозуваат македонскиот народ и македонскиот национален идентитет, засебноста на македонската нација и македонскиот јазик и култура – истакна во обраќањето претседателот на Собранието на Република Македонија.
Како и да се одвиваат преговорите понатаму, доколку се изнајдат взаемно прифатливи модели и решенија кои би го одблокирале нашиот евро-атлански прогрес, истакна Вељаноски, за тоа ќе мора да се изјаснат македонските граѓани на референдум.
Вељаноски потенцира дека Македонија забрзано се модернизира, а препреките не се доживуваат како основа за разочарувања, туку како причина за уште поголем мотив за работа. Како потврда за тоа, подвлече, е фактот што Македонија во континуитет се прогласува за најдобар реформатор во Југоисточна Европа и меѓу најдобрите во светот.
Зголемување на обемот на капиталните инвестиции, силна фокусираност на привлекување странски директни инвестиции и отворање нови фабрики, подобрување на бизнис-климата, многу посилна поддршка на домашната економија и иноваторството, зголемување на извозот, зголемување на земјоделското производство и неговиот квалитет, силна фокусираност на развој на туризмот, подвлече, и понатаму ќе бидат носечки столбови во политиките во следните години.
Тој додаде дека покрај изградбата на трите автопати, во следниот период ќе се гради и четврт автопат, а во полн ек е и изградбата на нови експресни патни правци, се реконструираат и градат и останати помали магистрални делници и локални и регионални патишта.
Истовремено, подвлече, продолжуваат инвестициите на патните и железничките врски од коридорот 8 и коридорот 10, а освен тоа со несмален интензитет се вложува во реконструкции и изградби на комунална инфраструктура, училишта, градинки и болници.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.