Уникатниот „Д Фестивал“ оваа година го прославува своето петто издание кое ќе се одржи првпат со тридневна програма и фестивалски камп, од 17 до 19 јули во Дојран.
Во чест на својот прв јубилеј фестивалот подготвува богата музичка програма на повеќе бини и разновидни дополнителни активности за незаборавен провод на своите посетители.
Првите изведувачи за петтиот „Д Фестивал“ се пионерот во промовирањето на електронската музика низ Балканот Кирил Џајковски, контроверзното, немилосрдно и најпопуларно српско хипхоп-трио „Бед копи“, битолскиот состав „Фолтин“ како еден од најуникатните бендови кои ги изнедрила домашната сцена и енергичните „Баилдса“ на кои првото издание на „Д Фестивал“ им беше отскочна штица во балканската кариера.
Еден од предводниците на програмата на главната бина на „Д Фестивал 2015“ е македонскиот композитор и музички продуцент Кирил Џајковски кој ќе настапи со диџеј сет во саботната вечер на фестивалот, на 18 јули.
Годинава главната бина на „Д Фестивал“ повторно ја има честа да биде домаќин на еден од најпрепознатливите балкански електро уметници во светот и заедно да го прославиме првиот јубилеј на фестивалот. На „Д Фестивал“ тој ќе настапи заедно со извонредната и омилена на македонската публика ТК Вондер. Кирил Џајковски и ТК Вондер доаѓаат на „Д Фестивал“, веднаш по нивниот настап во јули на еден од најреномираните европски фестивали, шпанскиот Круила Барселона.
Истиот ден, боите на домашната сцена на главната бина на Д Фестивал ќе ги брани култниот битолски состав „Фолтин“.
Големата прослава на отворањето на „Д Фестивал“ на 17 јули е загарантирана со тројцата предводници на српската хипхоп-сцена здружени под веќе славното име „Бед копи“ (BAD COPY), како состав чии настапи во Македонија редовно оставаат најголем впечаток кај публиката.
На 19 јули на „Д Фестивал“ се враќа и „Баилдса“, бендот од Солун кој својата регионална кариера ја започна токму со првото издание на овој фестивал. „Баилдса“ во својот музички израз ги комбинира балканските звуци со постпанк естетиката.
Покрај првите потврдени изведувачи, програмата на „Д Фестивал“ оваа година ќе претстави повеќе од триесет музички имиња и повеќе изненадувања кои наскоро ќе бидат откриени.
Влезниците се во претпродажба од 20 мај.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.