| четврток, 6 декември 2018 |

Дали напуштањето на еврозоната е поголема катастрофа за Грција од останувањето во неа

гр

Грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис жали за денот кога Грција се приклучи кон еврозоната, пишува весникот „Гардијан“ во анализа насловена „Дали напуштањето на еврото ќе биде поголема катастрофа за Грција отколку да остане со него“.

Весникот коментира дека според грчкиот министер за финансии, на неговата земја ќе и беше подобро ако се уште ја користеше драхмата. Длабоко во себе, вели тој, сите 18 земји кои ја користат единствената валута сакаат идејата да била удавена уште при нејзиното раѓање, но сфаќаат дека откако еднаш сте ја прифатиле, не може да излезете од неа без катастрофа.

„Сето тоа е вистина, и објаснува зошто Грција е вклучена во игра на нерви со сите други играчи во оваа драма: Меѓународниот монетарен фонд, Европската комисија, Европската централна банка и германската Влада. Варуфакис сака поголема финансиска помош, но не и ако тоа значи испраќање на грчката економија во ‘спиралата на смртта’“, пишува „Гардијан“ и потсетува дека кредиторите на Грција нема да дадат повеќе пари се додека Атина не се држи до условите за финансиска помош, јавува дописникот на МИА од Атина.

Весникот нагласува дека работите ќе кулминираат ова лето, затоа што е јасно дека Грција не може да ги отплати сите рати од долговите кои доспеваат. Земјата треба да најде 10 милијарди евра за да ги исплати ММФ, Европската централна банка и други кредитори пред крајот на август, а пари нема. Кредиторите на Грција знаат и подготвени се да ја пуштат Владата во Атина да „зоврие“. Тие знаат дека Грција навистина има само две опции: да се предаде или да го напушти еврото, а со оглед на тоа што соопшти дека сака да остане во единствената валута, кредиторите очекуваат Атина наскоро да развиори бело знаме. Подготвеноста на Грција да продолжи со приватизацијата на најголемото пристаниште Пиреа, оние со најтврд став во Брисел и Берлин ќе го сметаат како доказ дека биле во право оти треба да се заземе поцврст пристап во преговорите со Владата предводена од Сириза.

„Но, пред тој да признае дека ја загубил играта на нерви, грчкиот премиер Алексис Ципрас треба многу да размисли за анализата на Варуфакис. Дали беше грешка што Грција го усвои еврото? Јасно е дека одговорот е да. Дали на Грција ќе и биде подобро со драхмата? Со оглед на тоа дека економијата потона за 25 проценти во последните пет години и се уште пропаѓа, одговорот е да. Може ли да го напушти еврото и да се врати на драхмата без катастрофа? Несомнено тоа ќе предизвика огромни трошоци и голем шок за бизнисот и довербата на потрошувачите. Постојат, исто така, и практични проблеми при замена на една валута за друга“, пишува „Гардијан“.

Ова не е прашањето што Грција треба да си го постави. Земјата страда од економска катастрофа од 2010 година и ќе продолжи да страда ако остане во еврозоната без великодушно отпишување на долгот. Па така, вистинското прашање не е дали напуштањето на еврото ќе биде катастрофа, затоа што сигурно ќе биде. Вистинското прашање е дали катастрофата ќе биде поголема ако остане во него, заклучува весникот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top