| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Народот на избори одлучува кој ќе биде на власт, а кој во опозиција

Народот одлучува кој ќе биде премиер и кој ќе биде на власт, а кој во опозиција. Подготвени сме да работиме на воспоставување дијалог во кој што ќе се разгледуваат прашања значајни за државата, изјави денеска премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски по лидерската средба, чие продолжување е закажано за в понеделник.

Денеска имавме разговор претседателите на четирите партии кои имаат најголема поддршка од граѓаните и усвоивме декларација за ненасилно правење протести или какви било други собирања. Разговаравме и за други теми. Имаше различни идеи и предлози. И на крајот договоривме да се видиме уште еднаш в понеделник, во 13 и 30 часот, рече Груевски.

Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ како и досега, е за политички дијалог за темите кои значат унапредување и подобрување на демократските стандарди и на демократските процеси, како и унапредување на реформите.

Премиерот рече дека не размислува да си поднесе оставка, како што бара опозицијата, а на новинарското прашање дали ќе следуваат и други оставки на членови на Владата рече дека засега нема такво нешто.

За тоа дали денешната средба била успешна или неуспешна рече дека е тешко да се даде квалификација.

Ако сакате да гледате спрема декларацијата може да се толкува како успешна, а ако гледате во некои други работи може да се толкува како неуспешна. Рано е да се даваат квалификации од таков тип, рече Груевски.

На средбата присуствуваа лидерите на најголемите четири политички партии во земјата ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, Никола Груевски, Зоран Зев, Али Ахмети и Мендух Тачи и амбасадорите на САД и ЕУ, Џес Бејли и Аиво Орав, како набљудувачи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top