| четврток, 6 декември 2018 |

НАТО и ЕУ се за поголема соработка, особено меѓу разузнавачките служби

нато

НАТО и Европската унија се соочени со се поагресивната Русија и џихадистичката закана и затоа сакаат да ја подобрат меѓусебната соработка, особено во доменот на разузнавачките служби, изјавија денеска официјални претставници на двете организации, пренесува агенцијата Фена.

– Опколени сме со предизвици кои нѐ обединуваат – изјави шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини, доаѓајќи на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Анталија, на југозапад од Турција.

ЕУ и НАТО имаат 22 заеднички држави-членки.

– Ќе разговараме за различните кризи кои нѐ опкружуваат, посебно на истокот, за состојбата во Украина и напнатоста во односите со Русија – изјави таа.

– На исток ја имаме поагресивната Русија, која употреби сила за да ги промени границите и да ги заплаши соседите. На југ, немирите и екстремизмот достигнаа незабележено ниво во современата ера – рече генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.

– Ќе ја зголемиме способноста да одговориме и да ги обесхрабриме хибридните закани – прецизираше Столтенберг.

НАТО ја обвинува Русија дека примени „хибридна“ тактика за да ја „дестабилизира Украина“, комбинирајќи ги класичните воени средства и тајните акции во цивилниот домен, како што се кибернетските напади, пропагандното дезинформирање, кревање нозе на малцинствата, укинување на гасот и мерките на економска одмазда.

– Тоа што е исклучително важно за нас е координацијата на сите нивоа, а особено таа што се однесува на размената на информации за новите закани со кои се соочуваме – рече Могерини.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top